Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за разнесувањето на важна брана во јужниот регион Херсон, што предизвика обемни поплави. Непотврдени видеоснимки на социјалните мрежи покажуваат силни експлозии околу браната и вода што се пробива низ неа.
Висока 30 метри и долга 3,2 километри, браната на реката Дпепар беше изградена во 1956 година и оттаму со вода се снабдуваат анектираниот полуостров Крим и нуклеарната централа Запорожје. Браната се наоѓа во градот Нова Каховка на источниот брег на Днепар, кој е под контрола на руските сили.
Украинската војска ја обвини Русија за разнесувањето на браната, додавајќи дека водата загрозува илјадници куќи, но дека обемот на уништувањето сè уште се проценува. Претседателот Зеленски свика итен состанок на Националниот совет за безбедност.
Руските медиуми објавија дека браната била уништена со гранатирање, додавајќи дека нуклеарката Запорожје не е во критична опасност.
„Уништувањето на браната може да има негативни последици по нуклеарната централа Запорожје, но ситуацијата е под контрола“, соопшти украинската државна компанија „Енергоатом“.
Прорускиот градоначачник на Нова Каховка кажа дека станува збор за терористички чин и дека започнала евакуацијата во близина на браната.