Со повеќеминутен аплауз, исечоци од актерските изведби и со присетувања за неговата неуморна работа, актерската и театарската фела се прости од својот колега Трајче Ѓоргиев, кој почина во петокот на 56 години по тригодишната борба со рак на белите дробови, дијагноза која до речиси самиот крај му била позната само на најблиското семејство.
Ѓоргиев беше дел од Македонскиот народен театар повеќе од 30 години, многумина го паметат како Ж‘та од култната ТВ-серија „Бумбари“, беше двигател на пантомимичарската уметност во Македонија и регионот, особено преку својот фестивал ПАНФИЗ, а сите говорници посебно ја нагласија неговата особина на добар другар и добар човек.
Актерката Снежана Коневска Руси се присети на многубројните соработки со Ѓоргиев, кои ги надминуваат класичните актерски рамки.
„И овој собир сега ќе го почнеше со зборовите ‘Дали е тука техниката? Светло, тон, суфлер? Актерите? Да, сите се тука‘. Некои малку доцнат, но Трајче секогаш доаѓаше предвреме. Гледајќи ве вас, ми се полни душата, но и главата со многу мисли, размисли за него, за него како актер, режисер, соработник, пантомимичар, како човек. Се запознавме кога беше раководител и педагог во драмско студио во Кочани. Беше едноставно природен, лесен во говорот, мек, беше добредојден како позитивен лик. Натсинхронизиравме анимирани серии и филмови за деца, десет години работеше мимодрами со наглуви деца во Врање, истражуваше, посетуваше семинари, предаваше. Мал му беше денот, немаше празен ден“, кажа Коневска Руси.
Никола Ристановски кажа дека секој театар си има свој Тале – ненаметлив, вреден, чесен, другар.
„Драг мој Тале, прво, прости ми што седам. Од друга страна, Снешка ме потсети на тие илјадници минути што ги поминавме заедно токму седејќи. Поминаа доста години и дојдовме до моментот кога обично се набројуваат улоги, претстави, постигнувања и награди и остануваат само тие податоци. Но, има нешто друго. Некои од нас оставаат траги кои траат подолго од нас и затоа сметам дека имаше зошто. Со секое ново влегување на претстава и во студио ќе бидеме заедно, ќе се присетуваме, коментираме и ќе го продолжиме овој разговор што тукушто започна. Фала ти многу“, кажа Ристановски.
Звездана Ангеловска се обрати во името на целиот тим на МНТ.
„Знаеше да ги препознаеш правдата, вистината и мудроста, да бидеш автентичен, свој, а модерен, посебен, деликатен, екстремно сензитивен, што е предиспозиција за повеќе од добар уметник. Знаеше да нè потсетуваш на малите и едноставни работи во животот и со една неподнослива леснотија да градиш нови мостови“, кажа Ангеловска.
Од МНТ истакнаа дека вечерашната изведба на новата претстава „Иванов“ ќе биде во чест на Ѓоргиев.
„Не ја реализиравме само идејата за рок концерт. Ти на тапани, јас на гитара. Но, нека остане нешто и за таму горе“, рече театарскиот работник Нелко Нелковски.
Г. КОНЕВ