Еврејската менора, споменик за убиените Евери од Битола во нацистичките логори постaвен пред 65 години, бил првото спомен-обележје на жртвите од Холокаустот во поранешна Југославија посветено на јавна урбана површина. Претходно изградените споменици најчесто се поставувале на еврејските гробишта, а ваквата постапка значела навестување на нова фаза во комеморациите за депортираните Евреи во порнашените југословенски простори.
Ова како податок беше истакнато на изложбата на документи и фотографии на тема „Македонија памети, никогаш да не се повтори“ поставена во Офицерскиот дом Битола, по повод 69- годишнината од основањето на Државниот архив Битола. Изложбата ја подготвија Архивот од Битола во соработка со Институтот за национална историја.
Од изложените документи се гледа дека споменикот бил поставен на 11 март 1958, на 15-годишнината од депортацијата на битолските Евреи, на местото на некогашната синагога Арагон која, како што е напишано во материјалите, била осквернавена и ограбена од бугарската воена власт.
„Овој споменик кој претставува менора е дело на битолчанката Марика Митревска (архитект), Петар Пешка (автор на идејата) во соработка со д-р Хаим Абравенел и Нико Сервини. Претставува еврејски свеќник со седум гранки, со делумно скршени краеви, симболизирајќи ја трагедијата на жртвите, но и неуништивоста на еврејскиот народ“, пишува во документите.
Покрај ова, беа изложени и документи со имињата на членови на еврејските семејства кои на 11 март биле депортирани од Битола, Штип и Скопје, а меѓу кои имало и едногодишни бебиња, како и имињата на улиците каде живееле семејствата. Потоа, имиња на учители кои се вклучиле во Комисијата за ликвидација на еврејските имоти во Битола еден месец по депортацијата, имиња на комесари кои се занимавале со еврејските прашања меѓу кои и Александар Белев. Антисемитскиот бугарски комесар за еврејски прашања Александар Белев на 22 февруари 1943 потпиша договор со претставникот на Адолф Ајхман за депортирање на 20.000 Евреи – сите Евреи кои живеат во Тракија, Македонија и Пирот во нацистичките логори на смртта во Полска, тогаш окупирана од Германија.
Изложбата содржеше и известувања од делегати на Комесаријатот за еврејски прашања дека сумата од 67.200 лева во сопственост на 12 Евреи од Штип, како што пишува, иселени надвор од Царството Бугарија, треба да биде венсена на сметката на Фондот на еврејските општини од Софија. Потоа, наредба од обласниот директор во Битола да бидат конфискувани во корист на државата сите недвижни имоти на Евреите во согласност со член 6 и 7 од Законот за државни имот.
Дел од документите со дискриминаторски законски регулативи усвоени од бугарската влада во периодот од 1941 до 1944 година укажуваат на тоа дека движните и недвижните имоти на Евреите во Македонија биле оданочувани и отуѓувани во корист на Царска Бугарија. Од продажбата на имотите на Евреите во Скопје, Штип и Битола биле добиени 33.112.714 лева.
Изложбата беше поставена и во Скопје по повод 80 години од депортацијата на Евреите од Македонија.
Ж.ЗДРАВКОВСКА