Судиите се под најголем притисок за врски и корупција од своите колеги, од претседателите на судовите кои им се претпоставени и од членовите на Судскиот совет, од кои зависи како ќе бидат унапредени и оценети, со ризик ако се непослушни, да бидат од нив уценети, вели анонимната анкета врз 427 судии, што ја спроведе Мисијата на ОБСЕ.
Пресуди нарачувале и судии од повисоките, врз колеги од пониските судови.
За разлика од претходната анонимна анкета, која ОБСЕ ја спроведе во 2009 година, има опаѓање за 7 отсто во притисоците од извршната власт – владата, МВР, Министерството за правда и други министерства и државни органи.
Има пораст за два отсто во притисоците и влијанијата врз судиите од бизнис-секторот и дури 9 отсто од членови на Судскиот совет.
Оваа проценка на ризиците од корупција во правосудството, прва од ваков вид спроведена во Македонија, се базира на сведоштвата и искуствата на судиите и обвинителите во земјата искажани од прва рака. Анонимно се анкетирани и 164 обвинители.
„Оваа проценка за корупцијата во судството и во обвинителството нѐ соочува со суровата реалност и со системските предизвици кои го спречуваат испорачувањето правда. Забелешките на судиите и обвинителите презентирани овде се спротивставуваат на статусот кво. Со искажување на нивните значајни загрижености, тие ја истакнуваат потребата за развивање поделотворни антикорупциски механизми. Се надевам дека оваа Проценка ќе служи како катализатор на промена“, вели амбасадорот Килиан Вал на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Оваа темелна анкета е за потребите на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Дефинитивно, како судиите, така и јавните обвинители, за најголем надворешен ризик од корупција во судските постапки истакнуваат пристрасните судски вештачења. Дополнително, судиите корупцијата ја гледаат злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите и нискиот квалитет на обвинителните акти како значителни ризици од корупција, а јавните обвинители изразуваат загриженост поради недоволната соработка меѓу обвинителството и другите истражни органи, како и за злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите.
И двете страни забораваат дека судијата ја води постапката, тој е главен во судницата, и тој дозволува или не дозволува одолговлекувања од адвокатите и лоши, т.е. обвиненија без докази.
Понатаму, и судиите и јавните обвинители изразија исклучителна недоверба во работата на своите Судски совет и Совет на јавни обвинители, како и за нивната независност.
Добар дел од испитаниците судии и обвинители истакнале дека не се чувствуваат безбедни.
Правната анализа беше спроведена од страна на тим од судски практичари и правни експерти, вклучувајќи ги д-р Тодор Витларов, Виш јавен обвинител, во пензија; Бетим Јахја, судија во Основниот суд Тетово, кој не може да напредува зашто нема партија зад себе, и Константин Битраков, асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
На 17 октомври 2022 година биле испратени 427 прашалници за судиите и 164 прашалници за јавните обвинители. Мисијата на ОБСЕ во Скопје добила 212 одговорени прашалници од судиите и 83 прашалници одговорени од јавните обвинители.
Од 36-те најголеми ризици од корупција, најистакната е работата на вештаците, адвокатите и јавните обвинители. Останатите ризици се внатрешни и се првенствено поврзани со улогата на претседателите на судовите и со наклонетоста на судиите кон странките вклучени во постапките
„Испитаниците ја критикуваа работата на вештаците и во кривичните и во граѓанските постапки, зборувајќи за контрадикторни вештачења и тенденција да одат во полза на страната што ги ангажирала. На пример, во кривични предмети за сообраќајни незгоди што резултирале со смртен исход, одбраната често понудува вештачење што значително се разликува од она на вештаците ангажирани од јавното обвинителство. Овие ‘нарачани вештачења’ може значително да ги одолговлечат и да влијаат врз кривичната или граѓанската постапка. Кога судиите се соочуваат со спротивставени вештачења, тие мора да наредат и ‘супервештачење’ спроведено од конзилиум од тројца вештаци ангажирани од судот“, се наведува директна корупција во анализата на ОБСЕ, која Министерството за правда кое е директно надлежно за вештаците, не ја зауздува многу долго време.
Тоа стои и во овој извештај: „Немањето надзор и делотворни реперкусии за нестручното и несовесно однесување на вештаците ја истакнува потребата од поделотворна регулатива и контрамерки!“.
Испитаниците забележале и дека некои адвокати ги замајувале своите клиенти со ширење лажни гласини за корумпирани судии што треба да се поткупат за да донесат поволна пресуда. Во некои случаи, адвокатите дури побарале од своите клиенти дополнителни средства за наводно да ги поткупат судиите, иако парите никогаш не стасале до наводниот примател, а за предметот се решавало непристрасно.
„Конечно, судиите ја рангираа злоупотребата на системот АКМИС од страна на адвокатите во граѓанските предмети како седми најзначаен ризик од корупција. Овде спаѓа поднесување повеќекратни граѓански тужби за истиот предмет, сѐ додека тој не се распредели кај судија за кого се перципира дека е поверојатно да донесе поволна пресуда“, упатуваат испитаниците каде уште треба итно да се реагира.
Судиите гледаат корупција и местење подобни судии за одредени предмети, од страна на претседателите на судовите преку Годишниот распоред на работа за судиите.
Во тек на интервјуата, како ризик од корупција беа идентификувани неколку случаи на блиски односи меѓу судии и адвокати или јавни обвинител, особено во случаите кога членови на семејствата имаат вакви позиции во ист град или на подрачје на апелационен суд. наодите и од истражувањето и од интервјуата сугерираат дека наклонетоста на судиите кон јавните обвинители останува значително проблематично прашање.
За ова сведочи релативно високото рангирање на 10-то и 15-то место за ваквата наклонетост во текот на фазата на претходна постапка, односно во тек на главниот претрес. Листата од 16 високорангирани ризици завршува со несоодветно влијание на јавните обвинители (13. место) и адвокатите на одбраната (16-то место) при издавањето, продолжувањето или укинувањето на мерката притвор.
Обвинителите покрај корупцијата од вештаците, ризици гледаат и во недостатокот на соработка помеѓу обвинителствата и другите надлежни органи за откривање: МВР, УФР, УЈП, Царина, во текот на претходна постапка. На корупција тие предупредуваат и поради честото протекување на доверливи информации во тек на претходната постапка од страна на органите со кои соработува јавното обвинителството, како и поради блискоста меѓу судии и бранители која тврдат, влијае коруптивно врз кривичната постапка.
С. К. ДЕЛЕВСКА