ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ ЈА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЈАЗИК, КУЛТУРА И ИДЕНТИТЕТ, ОПОЗИЦИСКАТА ЦДУ БЕШЕ ПРОТИВ

    ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ ЈА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЈАЗИК, КУЛТУРА И ИДЕНТИТЕТ, ОПОЗИЦИСКАТА ЦДУ БЕШЕ ПРОТИВПратеникот на владејачката СПД Јосип Јуратовиќ побара од опозициската ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. (Фото: Бундестаг/принтскрин)

    Германскиот Бундестаг доцна синоќа ја усвои резолуцијата за поддршка на Македонија на патот кон членство во ЕУ, но за време на расправата резолуцијата беше изложена на остри критики од опозициските партии, вклучувајќи ја и ЦДУ, објави „Дојче Веле на македонски“.

    Во текстот на резолуцијата се вели дека германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик, а во препораките се бара од германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.

    „Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, кажа пред германските пратеници државната министерка во германското МНР, Ана Лирман.

    Таа истовремено најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.

    „Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“, додаде Лирман, чиј став е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.

    Од опозициската ЦДУ и сестринската ЦСУ кажаа дека се против резолуцијата затоа што владејачкото мнозинство ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.

    Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ одговори на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.

    „ЕУ процесот е регата, и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време. Сакаме сега да ја охрабриме Македонија со оваа резолуција. Македонската култура ќе ја збогати ЕУ“,кажа Јуратовиќ, кој побара од ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира