Брегот на Езерото Младост, од страната спроти урбанизираниот дел и спроти плажите се освојуваат од диви кампери и дивоградби. За ваквата состојба предупреди советникот Игор Смилев на последната седница на Советот на Општина Велес. Тој апелираше да не се дозволи на брегот на Младост да се случи втора Бабуна со дивоградби и узурпација на јавен простор. На долна Бабуна локалната власт лани есента изброи 108 дивоградби.
„Треба со време да се реагира. Таму се околчува простор, работат градежни машини. Не знам што се чека да се санкционира дивеење, но мора веднаш да се сопре пред просторот да биде освоен“, кажа советникот Смилев.
Градоначалникот на Велес Марко Колев рече дека тие ја следат состојбата и имале преземено активности да се сопре градбата.
„На лице место во неколку наврати излегоа градежни инспектори во придружба и со полиција, со цел тоа што се гледа да не се шири туку да се отстрани“, кажа градоначалникот Колев.
П. ПЕЧКОВ