САНИРАНА СПОМЕН-ЧЕШМАТА НА НОБ ВО СЛИВОВО СО МОЗАИЦИ ОД БОРКО ЛАЗЕСКИ

    САНИРАНА СПОМЕН-ЧЕШМАТА НА НОБ ВО СЛИВОВО СО МОЗАИЦИ ОД БОРКО ЛАЗЕСКИСанацијата на Спомен-чешмата во Сливово чинеше 100 илјади денари. (Фото: Министерство за култура)

    Реконструиран е меморијалниот споменик Спомен-чешма со мозаички сцени во центарот на селото Сливово, Oхридско, каде што на 11 ноември 1943 е формирана Првата македонско-косовска бригада, соопшти Министерството за култура. Станува збор за дел од проектот за реконструкција на споменици и спомен-обележја на Народноослободителната борба (НОБ).

    Спомен-чешмата во Сливово има двојно значење, и историско и уметничко, со оглед на тоа што има две мозаички сцени посветени на Илинден и на НОВ од 1941 изработени од македонскиот современ сликар, мозаичар и изработувач на витражи, Борко Лазески.

    Проектот го реализираше Заводот и музеј Охрид, кој во изминатиот период регистрира над 40 меморијални споменици и спомен-обележја од НОБ на територијата на 23 села во Општина Дебрца.

    Фото: Министерство за култура

    Од Министерството велат дека по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Општина Дебрца, стручните служби на Охридскиот музеј ја санираа Спомен-чешмата која е подигната во чест на овој значаен историски настан од НОБ, кој годинава одбележува јубилеј, 80 години од формирањето на Македонско-косовската бригада.

    „Екипа работници и стручни лица од Заводот и музеј-Охрид ги исчистија споменикот и околината и се пристапи кон целосно обновување на носечкиот камен ѕид со пополнување со нова цементна фуга и поставување нови покриви на двете страни. Беше санирана и опшивката на мозаикот и беше поправено коритото на чешмата. За овие активности Министерството за култура издвои 100.000 денари“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира