Лидерот на конзервативците Кирјакос Мицотакис убедливо го победи ривалот Сириза на вчерашните избори во Грција, втори за период од еден месец и кажа дека доби силен мандат за побрзо спроведување на реформите. Неговата партија Нова демократија освои 40,5% гласови, речиси 23% повеќе од Сириза на бившиот премиер Ципрас.
Мицотакис ја победи Сириза и во мај, но веднаш потоа распиша нови избори со цел да обезбеди чисто мнозинство. Тоа беше овозможено од новиот изборен закон, кој на победничката партија ѝ обезбедува уште 25-50 пратенички места.
„Нова демократија моментално е најсилната партија на десен центар во Европа“, кажа Мицотакис.
Тој е заслужен за враќањето на стабилноста и растот на грчката економија по сериозна должничка криза и три меѓународни спасувачки пакети. Иако многумина Грци се мачат со растечките животни трошоци, гласачите ѝ дадоа поддршка на партијата која вети пониски даноци и подобрување на јавното здравство и образованието.
Освојувајќи повеќе од 40% гласови, Нова демократија ќе добие дополнителни 50 пратенички места, со што ќе може да владее без коалиција.
„Не ветувам чуда, но Нова демократија има високи цели да ја трансформира Грција“, кажа Мицотакис.
Уште една голема приказна на вчерашните избори е одличниот резултат на новоформирата крајнодесничарска партија Спартанци, која освои 4,7% гласови и влезе во парламентот. Таа стана политичка сила дури откако уставниот суд ја забрани другата крајнодесничарска партија Грци, чиј лидер Илијас Касидијарис, кој сега е во затвор, беше портпарол на неонацистичката Златна зора.