ДИВИТЕ ПРОДАВАЧИ СЕ ПРОБЛЕМ ЗА ПАЗАРЏИИТЕ ВО ВЕЛЕС, А ГРАДОТ МЕСЕЧНО ГУБИ НАД 1.000 ЕВРА

    ДИВИТЕ ПРОДАВАЧИ СЕ ПРОБЛЕМ ЗА ПАЗАРЏИИТЕ ВО ВЕЛЕС, А ГРАДОТ МЕСЕЧНО ГУБИ НАД 1.000 ЕВРАВо ЈКП „Дервен“ сметаат дека овој проблем ќе се реши со пуштањето на долниот дел од покриениот пазар (Фото: СДК.МК)

    Одделението за пазари при ЈКП „Дервен“ реагира на нелојалната конкуренција од диви продавачи, кои се сместуваат пред влезот на пазарот. Тие се проблем и за продавачите кои закупуваат тезги во покриениот пазар.

    „Се соочуваме со нелојална конкуренција од страна на продавачите стационирани во непосредна близина на пазарот, на паркингот. Сметаме дека овој проблем ќе се реши со пуштањето на долниот дел од покриениот пазар, кој е во изградба. Доколку овие 60-ина продавачи влезат во долниот дел, приходот дополнително ќе се зголеми“, пишува во писмениот документ за работа на ЈКП „Дервен“.

    Според нивните пресметки, во овие околности месечно се губат 66.000 денари (над 1.000 евра), а кога сите овие диви продавачи би влегле во пазарот, би имало дополнителен годишен приход од 1,6 милиони денари (над 25.000 евра).

    Лани беше обележано местото предвидено за продажба од приколки и комбиња на паркингот близу пазарот. Со тоа беа искоренети нелегалната продажба и нелојалната конкуренција, што претставуваше децениски проблем околу пазарот. Исто така, се намали гужвата од непрописно паркираните возила.

    „Сметаме дека во долниот дел од покриениот пазар ќе се вклопат и дивите продавачи кои сега се стационирани на паркингот, бидејќи голем дел од нив во моментов се согласни да се сместат со соодветни резервации“, велат од ЈКП „Дервен“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира