ДВЕ ЗГРАДИ НА „ЛИМАК“ СЕ ВСЕЛУВААТ, НАЕСЕН ГОТОВ И ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР, А ГРАД СКОПЈЕ НЕМА АБЕР ОД ИЗГРАДБА НА ПРИКЛУЧОЦИТЕ ЗА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА

    ДВЕ ЗГРАДИ НА „ЛИМАК“ СЕ ВСЕЛУВААТ, НАЕСЕН ГОТОВ И ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР, А ГРАД СКОПЈЕ НЕМА АБЕР ОД ИЗГРАДБА НА ПРИКЛУЧОЦИТЕ ЗА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦАОд Град Скопје и кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска нема одговор на нашите прашања до каде се постапките за изградба на кружните текови за подземната сообраќајница. (Фото: К. Попов)

    Првите две згради на „Лимак“ во центарот на Скопје се готови, становите се продадени и во нив веќе се вселуваат сопствениците. Наесен ќе биде готов и трговскиот центар кој што е во склоп на комплексот, а наредната година ќе биде завршена подземната улица и останатите две згради. Иако целиот комплекс „Дајмонд Скопје“ е веќе при крај, Град Скопје нема абер да почне со изградба на приклучоците за улиците и кружните текови кои треба да овозможат влез и излез од подземната сообраќајница, која се гради за да  да се растеретат гужвите кои ќе настанат со вселување на станарите во новите згради и отворањето на трговскиот центар.

    Од турската компанија „Лимак“ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека 90 отсто од бетонските работи на подземната улица се готови и таа ќе биде завршена во предвидениот рок.

    „Попрецизно, 705 метри од вкупната должина од 746 метри се целосно ископани, со поставени потпорни ѕидови и фундамент. Останатите 41 метар се ископани и во следните фази од изградбата на целокупниот комплекс ќе продолжат бетонските работи за овој дел. Подземната сообраќајница се гради паралелно со останатите компоненти што го сочинуваат комплексот. Таа минува под нив и за да можат тие да бидат изградени најпрво треба да се пробие сообраќајницата. За нејзината изградба се врши 14 метри длабок ископ, по што се градат потпорни ѕидови, кои се веројатно меѓу највисоките во земјава, и се поставува фундамент. Ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри, ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци и две трамвајски линии во средината“, велат од „Лимак“.

    Од Град Скопје и кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, исто како како цел досегашен мандат така и сега не добивме одговор на нашите прашања до каде се постапките за изградба на кружните текови за подземната сообраќајница.

    Градот треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај поранешна „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Досега, Арсовска ниту еднаш не споделила информација во јавноста околу овој проект и какви се нејзините планови. Не се почнати никакви постапки оти ниту еден тендери за овој проект не е распишан.

    Арсовска за овој проект, кој е многу важен за Скопје со оглед дека зградите се веќе готови, а тоа значи нови жители, нови автомобили и уште поголеми гужви во овој дел од Скопје, говорела само одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК на една од ретките прес-конференции кои ги имала. Лани, на нашето прашање рече дека и овој проект бил оставен со нерасчистени имотно-правни односи и затоа сега таа не може само во неколку месеци да ги реши сите постапки. Арсовска е на функција една година и 8 месеци.

    Во комплексот „Дајмонд“ се предвидени четири кули со 20 ката. Две од нив, кои се наоѓаат кај зградата на „Тутунска банка“, се веќе готови и становите се продадени, а другите две кои се градат кај Урбан паркот ќе бидат готови догодина. Комплексот ќе има и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски, и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година и прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Во кампањата за локалните избори 2021 Шилегов ги премовираше проектите за кружните текови и тогаш рече дека по завршување на изборите ќе почнат постапките за нивна изградба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира