В ЗАТВОР ЌЕ МИ БЕШЕ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ДОМА, ВЕЛИ БИТОЛЧАНКАТА СО ПАРАЛИЗА КОЈА ПО 2 ГОДИНИ СТАНАРИТЕ НА РАЦЕ ЈА ИЗНЕСОА ЗА ДА ОДИ НА ЗАБАР, ЗАШТО ВО СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА НЕ Е ПОПРАВЕН ЛИФТОТ

    В ЗАТВОР ЌЕ МИ БЕШЕ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ДОМА, ВЕЛИ БИТОЛЧАНКАТА СО ПАРАЛИЗА КОЈА ПО 2 ГОДИНИ СТАНАРИТЕ НА РАЦЕ ЈА ИЗНЕСОА ЗА ДА ОДИ НА ЗАБАР, ЗАШТО ВО СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА НЕ Е ПОПРАВЕН ЛИФТОТСоседите сочувствувајќи со маките што го има со забите, ја кренаа на раце Димитриевска со инвалидската количка и ја симнаа долу и таа по две години таа успеа да оди на лекар. (Фото: СДК.МК)

    „Во затворот во Шутка да бев поарно ќе ми беше, барем еднаш во денот ќе ме вадеа надвор“, рече Соња Димитриевска, 38-годишна битолчнака со целебрална парализа, која две години беше заробена во сопствениот стан на петтиот кат во социјалната зграда на улица Смилевски конгрес, 25 во Битола, зашто во седумкатницата државата не го има поправено лифтот. Одржувањето е во надлежност на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДИССДП).

    Деновиве, соседите сочувствувајќи со маките што го има жената поради проблеми со забите, ја кренаа на раце Димитриевска со инвалидската количка и ја симнаа долу. Така, по две години таа успеа да оди на лекар. Ниеден заболекар не можеше да ја пренесе опремата во нејзиниот стан и таму да ѝ изврши интервенција. Откако ѝ беа извадени два заба во ординација, повторно соседите на раце, скала по скала, ја качија до петтиот кат.

    „Ова е и тоа колку голема мака. Имам уште три корени од забите за вадење. Кого да го мачиме пак да ме крева и носи на раце? Имам потреба од сонце, а сонце немам видено“, вели Соња.

    Соседот Димче Бошковски беше еден од тројцата битолчани што ѝ помогнаа на жената да излезе надвор од странот по скоро две години, период колку што не работи лифтот.

    „Жената ја кренавме со мајка ѝ прво од дома и со голема мака ја ставивме во количка, со помош на уште едно лице ја симнавме долу со тешки маки. Нагоре тројца кревавме. Паднавме на скалите, и таа се повреди и јас. Ми рече: ‘Полека чичко Диме, ќе се отепаме двајцата’, ми дојдоа солзи на очите“, рече Бошковски.

    Во зградата има и други болни станари со дијагнози кои не можат пеш да се искачуваат по скали.

    „Имам астма, секое качување ми прави товар на срцето и одвај дишам. Имам и дискус хернија со пет истенчени прешлени и не смеам никако по скали да се качувам и товар да носам. А кој ќе ми купи храна? Вработен во Сизот ми кажа дека поправката на лифтот е огромна процедура, тендерот 30 дена, уште 30 жалби и потоа ако не одберат нов тендер. Процедурата ќе се влече до бескрај“, рече Вера Мискарова, претседателка на куќниот совет.

    Од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор ни одговорија дека тендерот за набавка на услуга за тековно одржување и сервисирање на лифтови со кој се бара економски оператор за одржување и сервисирање е веќе објавен и ќе биде отворен на средината на овој месец.

    „Неговата подготовка беше сложена и обемна со оглед на спецификацијата која мораше да претпри измени поради карактеристиките на дефектот. Изборот за најповолен понудувач ќе заврши веднаш по спроведувањето на сите постапки кои ги предвидува Законот за јавни набавки. Во меѓувреме, тендерската постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи е во поодмината фаза, односно во моментов се врши евалуација. Нашето Друштво има целосно разбирање за проблемите со коишто се соочуваат лицата-корисници на овие станови, поради што максимално го забрзува целиот процес, но тоа мора да биде во рамки на законски предвидените рокови“, одговорија од АДИССДП.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира