КОГА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ ЌЕ СЕ ВРАТАТ ОД СЕЗОНСКА РАБОТА ВО СТРАНСТВО, ДА ГИ ПОНУДИМЕ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, СЕ ПОШЕГУВА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ

    КОГА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ ЌЕ СЕ ВРАТАТ ОД СЕЗОНСКА РАБОТА ВО СТРАНСТВО, ДА ГИ ПОНУДИМЕ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, СЕ ПОШЕГУВА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИФактот дека можат да добијат неплатен одмор значи дека нивните работни места не се потребни, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи. (Фото: СДК.МК)

    Ако има такви кои навистина би сакале да се откажат од луксузот што некој им го дал да бидат дел од јавниот сектор, а користат неплатен одмор за работа во странство, во септември кога ќе се вратат, јас го давам предизвикот да се пријават за соодветни работни места во приватните компании во земјава, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи денес во Битола, одговарајќи на новинарско прашање за позачестената појава вработени во јавната администрација да заминуваат на сезонска работа во странство, претежно на приморјето во Хрватска, а работното место им мирува.

    САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави текст дека речиси нема државна институција, јавно претпријатие и Општина каде не се потпишани решенија за неплатен одмор кои ги бараат вработените. Земаат по три месеци неплатено отсуство и плус користат по еден месец споено стар и нов одмор, за да можат да отидат во странство, главно на хрватското приморје и да работат по хотелите и рестораните за време на летната сезона.

    Законски, државата како работодавач не може да не им одобри неплатено отсуство.

    Битиќи рече дека и во Македонија недостигаат работници во приватните компании, па административците ако сакаат да работат приватно можат да ги пополнат тие 10.000 слободни работни места.

    „Фактот дека можат да добијат неплатен одмор значи дека нивните работни места не се потребни. Имам еден друг предизвик, кога ќе се вратат во септември слободно да ги понудиме на приватниот сектор, ќе дадеме и стимулирање за да се вработат еднаш засекогаш таму каде што најмногу се потребни. Во приватниот сектор во овој момент се потребни 10.000 работници кои не можат да се пополнат. И да, ако има такви кои навистина би сакале да се откажат од луксузот што некој им го дал да бидат дел од јавниот сектор, јас го давам предизвикот во септември да се пријават соодветно на секоја една приватна компанија, ќе ги поддржиме, ако треба придонесите ќе ги плаќа државата само да им обезбедиме работници на приватните компании“, рече Битиќи.

    Во јавниот сектор во земјава работат 129.374 лица.

    Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека администрацијата на големо зема неплатен одмор и оди да работи на туристичките места. Само од неговото министерство годинава 15 лица зеле неплатен одмор.

    „Само последниве неколку дена потпишав решенија за неплатен одмор на тројца вработени. Точно е дека заминуваат да работат во летните туристичките места, но законски не може да ги спречиме и да не им одобриме ваков вид отсуство. Оваа појава е лоша и на долг рок, бидејќи тие луѓе кои заминуваат, таму остваруваат контакти, добиваат понуди за друга работа и можеме да ги загубиме и вработените во јавниот сектор“, вели министерот Алиу.

    Според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, до 15 мај над 4.000 македонски граѓани добиле дозвола за престој и работа во Хрватска, која пред ова лето се соочува со огромен недостиг на сезонски работници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира