Градоначалниците на Општините Аеродром и Кисела Вода Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски направија кривично дело со тоа што го истурија ѓубрето пред влезот на депонијата, велат од ЈП „Дрисла“ во Скопје. Од претпријатието синоќа не дозволија камионите со смет да влезат на депонијата, по што градоначалниците одлучија да го истурат ѓубрето пред влезот за да можат да продолжат со чистење. Синоќа, скопските општини со помош од другите градови почнаа да го чистат ѓубрето од улиците бидејќи „Комунална хигиена“ два дена не излегуваше на терен.
Од „Дрисла“ не објаснуваат зошто не дозволија камионите да влезат иако градоначалниците рекоа дека ќе платат за депонирањето на ѓубрето. Во кусо соопштение обвинија дека e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.
„Ниту Општина Аеродром, ниту Општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ‘Дрисла‘, бидејќи истиот им е истечен во март месец. Се поставува прашањето каде го фрлале сметот овие две Општини во изминатите месеци ако немаат договори? Дали креирале и колку диви депонии креирале“, се вели во соопштението од „Дрисла“.
- АРСОВСКА НЕ ГИ ПУШТА ВО „ДРИСЛА“ КАМИОНИТЕ НА ОПШТИНИТЕ КОИ ИЗЛЕГОА САМИ ДА ГО ЧИСТАТ СКОПЈЕ
- ТРОЈЦА ПОВРЕДЕНИ И ЧЕТВОРИЦА ПРИВЕДЕНИ, ПОЛИЦИЈАТА ЕДВАЈ ВЛЕЗЕ ВО СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЗА ДА ГИ ИЗВАДИ КАМИОНИТЕ ЗА ЧИСТЕЊЕ
Синоќа, со интервенција на полиција беа извадени на улица и камионите на „Комунална хигиена“ и дел од вработените почнаа да чистат. При интервенцијата се повредени тројца, а приведени се четворица вработени во „Комунална хигиена“.
Градот и денеска е затрупан со ѓубре. Никој не успеа синоќа да стаса да го исчисти сето ѓубре кои се таложеше цел викенд.
Градоначалниката Данела Арсовска, пак, за проблемот го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кого го нарече ѓубре, а градоначалниците кои излегле да чистат стаорци.
Денеска скопските градоначалници ќе имаат состанок на кој ќе бараат и предложат решение за состојбата со ѓубрето. Ѓорѓиевски вчера најава дека ќе бараат од Арсовска да им ја предаде цела механизација на „Комунална хигиена“ и Општините сами да чистат бидејќи таа е неспособна.
Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје синоќа побара вонредна седница поради хаосот со ѓубрето. Писменото барање е испратено до претседателот на Советот Трајко Славески.
А. АНТЕВСКА