Патарините во Македонија и Србија од денеска можат да се плаќаат преку заеднички систем на наплата. Граѓаните кои имаат ТАГ уред со него ќе можат да плаќаат патарина и во Србија и обратно. Тоа значи дека патниците нема да мора да застануваат на патарините за да плаќаат, туку ќе им се наплатува преку уредот во двете земји.
Како што кажаа денеска премиерите на Македонија и Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, со овој систем, кој е дел од проектите на Отворен Балкан, ќе се овозможи непреченo движење преку териториите на двете земји.
„Ова е најдобра потврда дека Отворен Балкан е иницијатива која дава резултати, која функционира и која луѓето ја сакаат. За само три месеци, српските и македонските инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарините. Заедно со министерот Бочварски дојдовме со кола од Скопје со купена М-ТАГ картичка во Македонија, која перфектно функционира во Србија. До следниот петок ќе биде направено решението и за товарниот сообраќај, па и камионите ќе можат да поминуваат“, рече Ковачевски на промоцијата на граничниот премин Прешево.
Како што кажа тој, бројот на српските туристи во изминатите две години е за 500% поголем во споредба пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан. Она што следува е воведување софтверско решение за непречена размена на работници, преку кој секој ќе може да се регистрира во Србија, Македонија и Албанија, без административни процедури кои денес траат по три месеци.
А. АНТЕВСКА