Премиерот Емил Димитриев од вчера е и пратеник, нарушувајќи го начелото на поделба на власта на законодавна и извршна, ситуација која може да потрае со оглед на тоа што формирањето на нова влада може да оддолжи. На конститутивната седница на Собранието, од членовите на владата избрани за пратеници единствено Димитриев седеше во првиот ред, заедно со другите почесни гости.
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски констатираше дека со верификација на пратеничкиот мандат, според Изборниот законик на Емил Димитриев, Никола Попоски, Никола Тодоров и на Елизабета Канческа Милевска им престанува министерската функција во Владата. Но, како што кажа Вељаноски цитирајќи го Уставот, тие остануваат министри сè до изборот на нова влада.
„Според член 8 став еден од Изборниот законик, на министрите кои беа избрани за пратеници им престанува функцијата во владата. Но, за обезбедување на континуитет на работата на владата, тие, според член 93 став 5 од Уставот, остануваат министри до изборот на нова Влада“, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Во Уставот е предвидено дека “Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.
Во Изборниот законик е предвидена неспоивост на функцијата пратеник, член на совет и градоначалник со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именуваат Собранието и Владата.
По изборот на Емил Димитриев за пратеник, како и на министрите за здравство и за надворешни работи и за култура Никола Тодоров и Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, со владата ќе раководи Триумвират составен од вицепремиерите за економски прашања, за евроинтеграции и за спроведување на рамковниот договор, Владимир Пешевски, Арбр Адеми и Фестим Халими.