Цел Карпош па дури и до населбата Капиштец во Центар ноќеска смрдеше на чад од дивата депонија која се запали кај спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Пожарот, како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), беше ставен под контрола вчера попладнето, но сепак депонијата гореше и бидејќи беше запалено ѓубре, се ширеше чад и непријатна миризба. Жителите од Карпош велат дека цела вечер не можеле да отворат прозори од непријатната смрдеа, а мирис на гареж се чувствува и денеска.
Нема податок колкава е загаденоста.
Како е можно среде урбан дел на Скопје во непосредна близина на станбени згради, две приватни болници и Градската болница „8 Септември“, како и еден хотел, со години да се трупа депонија и потоа таа да се пали, никој од надлежните не знае. Никој не е ниту казнет за фрлање на ѓубрето. Ни инспекторите на Општина Карпош, ни Министерството за внатрешни работи досега немаат фатено ниту казнето ниту еден сторител.
Од Општина Карпош вчера рекоа дека тие интервенирале и чистеле, но не можат инспекторите да дежураат на таа локација 24 часа.
„Не ни е јасно како може да влегуваат и да фрлаат ѓубре кога просторот е заграден има поставено рампа, зарем летаат камионите. Ние интервенираме, но несовесни граѓани фрлаат ѓубре и потоа ја палат депонијата“, велат од Општина Карпош.
Оваа депонија се трупа и пали со години. Во 2019 тогашните градоначалници Стефан Богоев и Петре Шилегов ја исчистија депонијата, поставија рамки, но за кратко време камиони пак влегуваа и фрлаа шут и ѓубре. Богоев тогаш најави дека инспектори ќе дежураат и псоле 16 часот, а побара од МВР да испратат полицајци кои ќе дежураат на оваа локација.
А. АНТЕВСКА