ПОНИШТЕН РЕГУЛАЦИСКИОТ ПЛАН ЗА НАСЕЛБАТА ВЛАЕ, СПРЕЧЕНА НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА СКОПЈЕ

ПОНИШТЕН РЕГУЛАЦИСКИОТ ПЛАН ЗА НАСЕЛБАТА ВЛАЕ, СПРЕЧЕНА НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА СКОПЈЕИницијативата за поништување на планот беше поднесена од „Зелен хуман град“ по барање на граѓанската група „Борба за Влае“ која неколку пати организираше протести против новите решенија за населбата.(Фото: Борба за Влае)

Советот на Град Скопје вчера го укина Регулацискиот план С3 19 за населбата Влае. Овој план е основа за изработка на Деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа населба со кој се предвидуваат згради и целосна бетонизација на Влае. Со тоа, сега не важи ДУП-от кој еднаш беше на јавна анкета, но поради забалешките и протестите на граѓаните беше вратен на доработка.

Иницијативата за поништување на планот беше поднесена од „Зелен хуман град“ по барање на граѓанската група „Борба за Влае“ која неколкупати организираше протести против новите решенија за населбата.

„Расправата која течеше по предлог-одлуката е доказ дека граѓаните мора да се самоорганизираат и да станат дел од локалните совети за да се осигураат дека ќе се носат одлуки со кои ќе се заштити јавниот интерес. Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив“, рече Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

За поништување на планот гласаа 23 советници и тоа двајцата советници на „Зелен хуман град“, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, еден член на Алијанса/Алтернатива, советничката група на Левица и двајцата советници од ЛДП/ДОМ. Преполовената советничка група на СДСМ и коалицијата гласаше воздржано, а целата советничка група на ДУИ не беше во салата на гласањето.

Со Деталниот урбанистички план донесен врз основа на Регулацискиот план се предвидуваат згради на просторот на некогашно кино Влае, односно зад автобуската станица на булеварот Партизански одреди. Зградите се планираше ќе бидат со висина од 6 до 10 ката. Парцелата за маркички за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план улицата се предвидуваше да се пробива зад киното односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

На местото на инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина, пак, вцртана беше маркичка за црква. Детското игралиште беше направено пред две години и него тогаш го отвори ексградоначалникот Стефан Богоев.

Маркичка за зграда се предвидуваше на празниот простор кај „Кам маркет“ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром. Овој простор, како што велат жителите, е државно земјиште и бараат да се направи парк, а не да се распродава државна земја за бизнис интереси со приватни градежници.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира