Претседателот Владимир Путин ја обвини Полска, членка на НАТО, дека има територијални амбиции кон поранешниот Советски Сојуз и рече дека секоја агресија врз рускиот сосед и близок сојузник Белорусија ќе се смета за напад врз Русија. Москва ќе реагира на каква било агресија против Белорусија, која формира лабав „сојуз на држави“ со Русија, „со сите средства што ни се на располагање“, рече Путин на состанокот на неговиот Совет за безбедност, во изјави емитувани на телевизија.
Полскиот Комитет за безбедност во средата одлучи да премести воени единици во источна Полска, откако членовите на руските платенички сили Вагнер пристигнаа во Белорусија. Полска негира какви било територијални амбиции кон Белорусија.
Во своите забелешки Путин исто така изјави дека западниот дел на Полска е подарок на земјата од советскиот лидер Јосиф Сталин и дека Русија ќе ги потсети Полјаците за тоа. Очигледно повикувајќи се на таа изјава, полскиот премиер Матеуш Моравјецки синоќа твитна дека „Сталин беше воен злосторник, виновен за смртта на стотици илјади Полјаци. Историската вистина не е дискутабилна“.
„Амбасадорот на Руската Федерација ќе биде повикан во Министерството за надворешни работи“, рече тој.
Завчера, Белорусија соопшти дека платениците на Вагнер почнале да ги обучуваат белоруските специјални сили на воен полигон на само неколку километри од полската граница.