ВО ОХРИД ДОЈДОВ СО АКТУЕЛНА ПРЕТСТАВА, ОТИ НАСИЛСТВОТО ГО ИМА И ЌЕ ГО ИМА МЕЃУ НАС, РЕЧЕ ХОЛИВУДСКИОТ ГЛУМЕЦ ЏОН МАЛКОВИЧ

    ВО ОХРИД ДОЈДОВ СО АКТУЕЛНА ПРЕТСТАВА, ОТИ НАСИЛСТВОТО ГО ИМА И ЌЕ ГО ИМА МЕЃУ НАС, РЕЧЕ ХОЛИВУДСКИОТ ГЛУМЕЦ ЏОН МАЛКОВИЧ

    Претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ е секогаш актуелна претстава бидејќи насилството го има и ќе го има меѓу нас, рече денеска во Охрид холивудската ѕвезда Џон Малкович, чија претстава ќе се изведе утревечер на Античкот театар, на Охридско лето.

    „Ја сакам оваа претстава, бидејќи на некој начин ги поврзува и театарот и класиката и глумата и е нешто иновативно што ја привлекува публиката. Секогаш ќе биде актуелна, бидејќи насилството отсекогаш го имало и ќе го има меѓу нас. Вистината на сцената дава една посебна реалност која всушност ни ја нуди животот. Кога претставувате некаков карактер на таа сцена имате многу мал дел од времето да претставите начин на кој тој опстојува и живее. И токму заради тоа се обидувате што поцелосно и повистинито да го претставите тој карактер на театарската сцена. Претставата ја напиша Михаел Штурмингер на мое барање и на барање на диригентот Мартин Хазелблок. Се сретнавме со Мартин и ја започнавме соработката со оркестарот на Виенската филхармонија“, рече Малкович, кој е и режисер и продуцент.

    Селекторката Сања Арсовска, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката Наташа Поповиќ на денешниот прес во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Малкович првпат доаѓа во Македонија, но како што рече, добро му се познати поранешните југословенски републики, Хрватска, Србија и Црна Гора каде што работел.

    Директорката на фестивалот Охридско лето, Наташа Поповиќ рече дека за овој настан се направени голем број резервации од целиот регион, како и од Бразил, Холандија, Франција, САД.

    Според селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, оваа претстава својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивности, а тоа се комедијата и психолошката драма.

    Настанот насловен „Вечер на Џон Малкович“ се реализира со поддршка од Амбасадата на САД во земјава, Владата и Министерството за култура.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира