Пожарите во Грција ги зедоа првите жртви откако вчера загинаа двајца пилоти на противпожарниот авион кој се урна на островот Евија и беше пронајдено телото на 41-годишниот сточар кој беше исчезнат од неделата. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис предупреди дека пред Грција се уште тешки денови, додека огнот продолжува да уништува домови и имоти, а топлотниот бран не покажува знаци на попуштање.
Денеска се очекува температурите да надминат 44 Целзиусови степени во делови од земјата, а можно подобрување на условите е најавено од задутре.
Двајца пилоти на возраст од 34 и 27 години загинаа кога нивниот „канадер“ се урна при гаснење пожар кај градот Каристос вчера попладне и несреќата беше снимена од ТВ-камери. Авионот тукушто имаше испуштено вода кога со крило поткачи дрво и потоа падна на земја.
„Тие ги понудија своите животи за да спасат животи. Во нивно сеќавање ја продолжуваме војната против уништувачката сила на природата“, изјави Мицотакис.
Вчера беше пронајдено и изгореното тело на сточар, кој во неделата излегол од селото Платанистос на Евија, објавија грчките медиуми.
Големи пожари и натаму се активни на Родос, Евија и Крф, како и на неколку места во внатрешноста на земјата. Во гаснењето учествуваат стотици пожарникари, вклучувајќи странски. Над 5.000 туристи до вчера беа вратени дома со вонредни летови и тие ќе продолжат и денеска.