ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА КАЗНИ 14 УЧЕСНИЦИ ВО ДИВИ НОЌНИ ТРКИ НА АВТОПАТОТ КОН СКОПЈЕ

    ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА КАЗНИ 14 УЧЕСНИЦИ ВО ДИВИ НОЌНИ ТРКИ НА АВТОПАТОТ КОН СКОПЈЕНајчесто овие диви трки се одвиваат на автопатот Тетово-Скопје, од бензинската станица на „Макпетрол“ во правец на Скопје.(Фото: СДК.МК)

    Во периодот од 22 часот до 3 часот наутро несовесни возачи на автомобили сообраќајниците ги користат за трки со автомобили. Најчесто овие т. н. диви трки се одвиваат на автопатот Тетово-Скопје, од бензинската станица на „Макпетрол“ во правец на Скопје.

    Меѓу учесниците на овие нелегални трки има многу наши гастербајтери кои летниот одмор го поминуваат во родниот крај, а се дојдени со големи и моќни автомобили. Возејќи со голема брзина и тркајќи се меѓусебно, овие возачи не само што го загрозуваат нормалното одвивање на сообраќајот, туку претставуваат голема опасност и за другите учесници во сообраќајот, а неретко загрозен е и нивниот живот.

    Тетовската полиција спроведувајќи го проектот „Безбедно лето 2023“ презеде засилени контролни активности за да создаде поголем ред и безбедност во сообраќајот. На удар се најдоа учесниците во ваквите ноќни трки, но и оние возачи кои со своите возила или моторцикли создаваат голема бучава.

    „Спроведени се контролни активности за спречување на организирање диви трки, така што во текот на изминативе денови во периодот од 22 до 3.00 часот, извршени се контроли при што полициските службеници на СВР Тетово исклучиле од сообраќај 14 возила и тие биле упатени на вонреден технички преглед за проверка на техничката состојба на возилото и бучавост која ја создавале. Од тие возила кај 8 е констатирана техничка неисправност или пак создавале преголема бучавост. Исто така биле констатирани и санкционирани 3 возила кои нагло ја зголемувале брзината со чкрипење на погонските тркала нарушувајќи го така јавниот ред и мир во доцните ноќни часови“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Фатмир Реџепи.

    Сите возачи прекршители полицијата поднела пријави, а технички неисправните возила биле исклучени од сообраќајот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира