БУГАРСКИ НАВИВАЧ БИЛ ПРОБОДЕН СО НОЖ ОТКАКО НАВИВАЧКАТА ГРУПА ЗАСТАНАЛА ПРЕД СКОПСКА „ЧАИРЧАНКА“ И ПОЧНАЛА ДА СЕ КАРА И ТЕПА СО МИНУВАЧИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    БУГАРСКИ НАВИВАЧ БИЛ ПРОБОДЕН СО НОЖ ОТКАКО НАВИВАЧКАТА ГРУПА ЗАСТАНАЛА ПРЕД СКОПСКА „ЧАИРЧАНКА“ И ПОЧНАЛА ДА СЕ КАРА И ТЕПА СО МИНУВАЧИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот, опериран е и во стабилна состојба. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бугарски навивач синоќа е прободен со нож во Скопје, откако група навивачи на фудбалскиот клуб Левски дошле пред ТЦ „Чаирчанка“ и почнале да се тепаат со минувачи. Од Основното јавно обвинителство соопштија дека издадени се сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во кој вчера беше повреден еден навивач.

    Вчера во Скопје Левски со 2:0 го совлада скопски Шкупи во рамките на првиот натпревар од второто кавлификациско коло за Конференциската лига.

    „Според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на ФК Левски со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар ‘Чаирчанка’, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани. Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, велат од Обвинителството.

    Од Обвинителството велат дека заради утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во инцидентот и кои, според првичните сознанија, не биле дел од локална навивачка група, како и за целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и видеозаписи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град“, а се преземаат и други активности.

    За останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски во текот на вчерашниот ден, Обвинителството е известено дека се процесуирани прекршoчно.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека синоќа на натпреварот Шкупи-Левски се уапсени 21 лице, 19 бугарски навивачи и двајца на скопскиот клуб. Навивачот кој беше прободен со нож, не дошол организирано со навивачката група која беше спроведена со кордон од граница до стадиот.

    „Неколку возила неорганизирано дошле и при поминување во Чаир во провокација настанува конфликт. Учесниците во инцидентот се идентификувани“, рече Спасовски.

    Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) ги осуди инцидентите и истакна:

    „Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи. Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира