120 ГОДИНИ БОРБА ЗА ДРЖАВНОСТ И САМОСТОЈНОСТ СОДРЖАНИ ВО ИЗЛОЖБАТА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА

    120 ГОДИНИ БОРБА ЗА ДРЖАВНОСТ И САМОСТОЈНОСТ СОДРЖАНИ ВО ИЗЛОЖБАТА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБАИзложбата е поставена на 26 врамени паноа со фотографии и документи претставувајќи ги историските премрежија на патот до независноста на Македонија. (Фото: Музеј на македонска борба)

    Фотографии и документи кои ги претставуваат историските премрежија на патот до независноста на Македонија содржи изложбата која се подготвува во Музејот на македонската борба за самостојност во чест на големиот јубилеј 120 години од Илинденското востание.

    Со оваа изложба, која е веќе отворена, како што вели директорката Даниела Николова, Музејот се вклучува во одбележувањето со серија настани коишто ќе бидат организирани во текот на оваа јубилејна година.

    Изложбата е поставена на 26 врамени паноа со фотографии и документи претставувајќи ги историските премрежија на патот до независноста на Македонија во 1991 година, каде се вткаени 120 години борба за државност и самостојност.

    „Како најразвиен облик на востаничката парадигма, во десетте дена на Крушевската Република бил направен револуционерен обид да се премости длабокиот балкански феудален амбис и да се втаса до европска граѓанска држава. Тоа се примарните одредници што го прават Илинден 1903 автентичен историски настан со висок вредносен еквивалент во градивното ткиво на идентитетот на Република Северна Македонија. Начелата на Крушевската Република и Манифестот прокламирале долготрајни процеси – започнати пред Илинден 1903, продолжени по АСНОМ-скиот Илинден 1944, се до Независноста на Република Македонија во 1991“, ни изјави директорката Николова.

    Во годината се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република, историски настани што го одразуваат врвниот дострел на борбата на македонскиот народ за слобода и државност, музејот го реализира проектот Измени, дополнувања и технолошко осовременување на музејска поставка – „Македонија во илинденскиот период“.

    Дел од музејските предмети од збирката Македонија во Илинденски период: Фотоапарат – дрвена салон-камера, произведена во фабриката Алфред Брукнер со потекло од Рабенау, Германија од почетокот на 20 век и налив перо за мастилница. (Фото: Музеј на македонска борба)

    „Проектот е дел од годишната програма на музејот за 2023 година од областа на музејската дејност и заштита на нематеријално културно наследство во којшто континуирано се одвиваат активности за дополнување, измени, реорганизација, адаптација и реконцепција, како и технолошко осовременување на музејската поставка за национално револуционерниот период, вклучително и Илинденскиот период.

    Дел од проектот е спроведување на сеопфатни истражувања во сродни институции при што со повеќе научноистражувачки методи и техники на обработка на податоците се изврши прибирање, обработка и прифаќање на потребниот автентичен изворен материјал којшто сведочи за настаните и епопејата на македонскот народ за време на Илинденското востание. Врз база од автентични податоци и сознанија, заедно со материјалите и експонатите од музејската експозиција, но и богатата збирка во депото на музејот, се осмисли и изработи кураторска нарација, како и реорганизација и реконцепција на витрините и самата поставка“, велат од Музејот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира