Володимир Зеленски предупреди дека војната се враќа во Русија и додаде дека украинската војска имала „добар, моќен ден“ на фронтот, особено кај Бахмут, каде што повратила позиции претходно заземени од руските сили. Украинскиот претседател алудираше на последните напади со дронови на Москва, сметајќи дека „нападите на руската територија се неизбежен, природен и праведен процес на војната помеѓу двете земји“.
Руското министерство за одбрана кажа дека вчера биле соборени три украински дрона, од кои два паднале на деловни згради во Москва.
„Украина станува посилна. Постепено, војната се враќа на територијата на Русија, во нејзините симболични центри и воени бази и тоа е нешто неизбежно и природно“, кажа Зеленски.
Киев досега не преземаше директно одговорност за нападите на руската територија. Москва се наоѓа 500 километри од украинската граница и од почетокот на руската инвазија неколкупати беше цел на напади со дронови. Многу почесто се напаѓа анектираниот полуостров Крим.
Украина истовремено извести за тешки борби во североисточниот дел на земјата.
„Клучната цел на Русија е да ги истера нашите сили од областа на Бахмут, каде што водиме успешна офанзива“, изјави заменичката на министерот за одбрана Хана Маљар.
Украина тврди дека во досегашниот дел од противофанзивата ослободила територија од 200 квадратни километри на југот, но напредокот е ограничен поради силно утврдените руски позиции и минските полиња.