Три нуркачки тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од утринава продолжиле со потрагата по исчезнатиот маж во липковското езеро Глажња, едно од двете вештачки езера од кои Куманово се снабдува со вода за пиење.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), исчезнат е Ф. Р. (30) од липковското село Никуштак, кој вчера влегол да се капе во езерото. Откако се одалечил на 1,5 километар од брегот и не се вратил подолго време, во 15.30 часот случајот бил пријавен во полициската станица Матејче.
Преку СВР Куманово е повикана нуркачка екипа на МВР со цел да се пронајде исчезнатиот.
Потрагата била прекината синоќа, а започнала вчера во попладневните часови.
С. НИКОЛИЌ