Границата меѓу Македонија и Албанија на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане од денеска се минува со едно застанување. Премиерите на Македонија и Албанија Димитар Ковачевски и Еди Рама го пуштија во употреба концептот „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царински контроли.
Премиерот Ковачевски кажа дека проектот „One-stop-shop” е уште една потврда за заложбите на двете влади за зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал не само меѓу нашите две земји, туку и меѓу земјите на Западен Балкан.
„Денес овозможуваме побрз проток на нашите граѓани, помеѓу двете држави и побрз проток на компаниите кои што транспортираат производи на најголемиот граничен премин помеѓу двете држави. Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските помеѓу луѓето, комуникацијата помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето помеѓу луѓето, нешто што цел половина век фалеше помеѓу Албанија и во тоа време Македонија. Денес сето тоа е минато и денес ние претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави. Со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз, кои се ориентирани кон трговија со други држави. На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата во Албанија. На овој начин овозможуваме полесен пристап и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Северна Македонија“, рече премиерот Ковачевски.
Со едно застанува од 2019 година се минува границата меѓу Македонија и Србија.