Десетици музеи и археолошки локалитети низ Грција ќе имаат слободен влез вечерва од 20 часот до полноќ со цел да се слави првата од двете супермесечини овој месец. Втората супермесечина или сина месечина ќе се случи на 30 август.
На многу места ќе има и музичка програма, па така на атински Акропол ќе може да се танцува на звуците на аргентинско танго, а во археолошките музеи во Касторија и Арта, како и на археолошкиот локалитет Тилисос на Крит ќе се слуша џез.
Концерти ќе има и кај римскиот аквадукт Морија на островот Лезбос, на археолошкиот локалитет Херајон на Самос и во Римската куќа на Кос.
Слична програма е предвидена и за втората супермесечина во август.