Коњаница на СДСМ предводена од генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ- Вардарски, беше дел од коњаничкиот марш во Крушево по повод Илинден.
„Маршот до споменикот кај месноста Слива близу Крушево, беше организиран во чест, слава и почит на македонските востаници и нивното јунаштво при одбрана на Крушевската Република. СДСМ како државотворна партија, со низа активности оддава почит и одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и одбележување на најголемиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката“, стои во соопштението од партијата.
Од каде тргнала коњаницата и колку време траел маршот со коњи во партиската информација нема податоци.
На 27 јули, во организација на здружението „Илинденски коњички марш 1978“ од Горно Лисиче во Скопје по 45. пат околу 30 јавачи тргнаа кон Крушево и Мечкин Камен за прославата на Илинден. Дел од оваа коњаница секоја година се и членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои во неколку наврати беа и пратеничката Рашела Мизрахи и Александар Пандов, кои неколку денови јаваат од Скопје до Крушево.
Здружението „Илинденски коњички марш“ пред пет дена потпиша договор за соработка со Министерството за култура и е дел од официјалната програма на манифестацијата Научно-културни средби „10 дена Крушевска република“.