МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕМА ДА ГО ВЧИТА ИЗГЛАСАНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕМА ДА ГО ВЧИТА ИЗГЛАСАНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛАРебалансот беше донесен на 11 јули, а во него беа вклучени и 23 амандмани, од кои дел на советничките групи кои не се во локалната власт, како Поинаку, Левица, СДСМ и ДОМ, за кои цел ден се водеа жолчни дискусии. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за финансии нема да го вчита ребалансoт на буџетот изгласан од општинскиот Советот, соопшти градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Општина Битола денес доби известување потпишано од заменик-министерот за финансии Филип Николоски, во кое се наведува дека согласно став 4 од член 22 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, измените и дополнувањата на буџетот не се вчитуваат во трезорот на Министерството за финансии ако се донесени од Советот на Општината спротивно од одредбите од ставовите на овој член.

    Ребалансот беше донесен на 11 јули, а во него беа вклучени и 23 амандмани, од кои дел на советничките групи кои не се во локалната власт, како Поинаку, Левица, СДСМ и ДОМ, за кои цел ден се водеа жолчни дискусии. Поминаа амандманите за бесплатна градинка за секое дете од 1 јули до 31 декември годинава, реконструкции на игралишта, проекти за канализации, повисоки пешачки премини на улици за смирување на сообраќајот, кружни текови, детални урбанистичи планови (ДУП) за урбани комплекси и друго.

    Советниците од опозицијата тогаш рекоа дека ова е граѓански донесен буџет. Од локалната власт, пак, рекоа дека ваквиот буџет ја надминува дозволената буџетска рамка.

    По укажувањето на Министерството за финансии, денеска градоначалникот Коњановски повика на конструктивност од советниците.

    „Верувам дека покрај опомената од Министерството за локална самоуправа, известувањето од Министерството за финансии дополнително ќе влијае во понатамошниот период одлуките да ги донесуваме заеднички, односно со меѓусебна соработка, координираност и конструктивност, каде ќе продолжиме да работиме според приоритетите на граѓаните, а не водени од сопствени партиски интереси“, изјави Коњановски.

    Советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ се распадна пред неколку месеци, кога независната советничка група Поинаку почна да ја критикува локалната власт за ветени, а нереализирани проекти. По ова, од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија нив за политиканство. Во Советот сега има неформално мнозинство од советници на Поинаку, СДСМ, ДОМ и Левица, како што и беше донесен ребалансот на буџетот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира