Контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт е пуштен од домашен притвор во Романија во пресрет на судењето за силување и трговија со луѓе. Ендрју и неговиот брат Тристан беа уапсени во март, а во јуни беа покренати обвиненија против нив.
Тие сега ќе можат слободно да се движат низ Букурешт и околната област Илфов каде што живеат, но ќе мора да се пријават во полиција секој пат кога тоа ќе им биде наредено. Браќата не смеат да ги контактираат двајцата романски соработници кои исто така се обвинети во случајот, сведоците, како и наводните жртви и нивните семејства. Секое прекршување на овие правила ќе значи враќање во домашен притвор.
Коментирајќи ја новата одлука, Тејт уште еднаш ги нападна обвинувањата, велејќи дека се засновани врз ништо.
Браќата Тејт првпат беа уапсени во декември минатата година, а три месеци подоцна беа префрлени во домашен притвор. Тие се товарат дека организирале криминална група заради трговија со луѓе во Романија, но и во други земји, како САД и Велика Британија.