НЕ ВРШИМЕ ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОК, ВЕЛАТ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ОТКАКО ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ГО ПОДДРЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

    НЕ ВРШИМЕ ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОК, ВЕЛАТ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ОТКАКО ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ГО ПОДДРЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИДиректорот на Агенцијата Лазаревски вели дека Венеција реагира оти е во заблуда и нема прогон кон Манчевски. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за филм на РСМ не врши никаков политички или каков било друг притисок врз режисерот Милчо Манчевски, ниту пак има вакви постапки за било кој друг автор, соопшти директорот Бојан Лазаревски, откако Венецискиот филмски фестивал изрази поддршка за Манчевски против политичкиот прогон врз него како укажувач на корупција во Македонија.

    Писмото на најстариот фестивал во светот, чиј лауреат е и Манчевски, е потпишано од директорот Алберто Барбера и претседателите на двете италијански здруженија на филмските автори, Франческо Раниери Мартиноти на здружението „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и Франческа Коменини на „Ченто Аутори“ (Cento Autori). Ова е редок гест на една од најреномираните институции во светот.

    Директорот на Агенцијата Лазаревски вели дека Венеција реагира оти е во заблуда, „без да ги знае фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава“.

    „Убеден сум дека и вие сте на страната на правдата и законот, кога станува збор за финансирање и трошење на средствата од јавните фондови за поддршка на филмската уметност. Во конкретниот случај за кој реагирате, не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на господинот Милчо Манчевски, односно правни постапки за расчистување на финансиски злоупотреби, недоставување на финансиски извештаи за потрошени 900.000 евра, како и низа други индиции. Институцијата која ја споменувате, Агенцијата за филм на РСМ веќе 14 години нема одбиено ниту едно барање за финансиска поддршка на режисерот Манчевски. Актуелното раководство во последниве 5 години на истоимениот режисер му има одобрено средства во висина од 2,3 милиони евра“, вели Лазаревски и бара Венеција да го повлече писмото „во интерес на правдата и Законот со што без дополнителен надворешен притисок ќе се даде простор на независните институции на нашата држава, која е аспирант за членство во Европска унија, да ги утврдат спорните факти и да донесат соодветни правни одлуки“.

    Поддршката на најстариот фестивал на светот доаѓа по повеќемесечната хајка против Манчевски, затоа што тој укажа на корупција во владината агенција. Откако „Банана филм“ на Манчевски ја пријави Агенцијата за филм за корупција, раководството на Агенцијата ја блокираше својата поддршка за проектите на Манчевски, завршениот „Кајмак“ и новиот „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“) и поднесе кривична пријава против „Банана филм“ со лажни наводи за неправилности во работата. Дека наводите се лажни потврди и инспекцискиот надзор на Министерството за култура, а Управниот суд пресуди дека Агенцијата не смее да ги блокира проектите.

    „Уште повеќе се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено. Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега“, велат Барбера, Мартиноти и Коменчини во писмото до Манчевски.

    Од „Банана филм“ велат дека ниедна државна институција ниту инспекција досега не утврдила неправилности во ‘Банана филм’, а самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира