Градоначалничката Данела Арсовска достави иницијатива до Советот на Град Скопје да се врати името на улицата Втора македонска бригада, која сега се вика Адем Демачи. Оваа улица доби ново име во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов кога за да се сменат античките имиња кои беа поставени од неговиот претходник Коце Трајановки, нови имиња добија 485 улици. Град Скопје во 2019 објави анкета за предлози од граѓаните за нови имиња на улиците, во 2021 листата беше утврдена и усвоена од Советот, а новите имиња почнаа да се применуваат од 2022.
„Ги повикувам сите советници во Советот на Град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог одлука, со која ќе се исправи неправдата кон повеќе од 230 херои, припадници на Втората македонска бригада од сите етникуми кои го дале својот живот за одбрана на Македонија. Апелирам, оваа иницијатива да не се политизира ниту пак да се злоупотребува за кревање на етнички тензии, особено поради фактот што најголемиот дел од хероите, покрај Македонци биле токму Албанци, Роми и Власи“, вели Арсовска.
Таблата со новото име Адам Демачи во Чаир беше поставена викендов и на церемонијата присуствуваше косовскиот премиер Албин Курти. Арсовска му рече на Курти да именува улица во Приштина до Тодор Александров.
„Ја осудувам националистичката реторика и на косовскиот премиер Албин Курти сакам да му предложам нова иницијатива – во Приштина улица да биде именувана по македонскиот револуционер Тодор Александров кој своевремено активно соработувал со Хасан Приштина, Хасан Бејта и Бајрам Цури во борбата против окупацијата на СХС. За оваа соработка е донесена и одлука на ЦК на ВМРО на која за контакт бил назначен Петар Чаулев“, вели Арсовска.
А. АНТЕВСКА