32-годишната Даниела С. од Струмица мора да плаќа приватни часови за отстранување на пречките во говорот кај своето дете, оти тешко може да дојде до термин кај логопедите во Здравствен дом во Струмица. Нејзиниот 4-годишен син прозборел пред половина година, но сѐ уште тешко поврзува слогови, а камоли прости реченици. Биле на преглед, детето е здраво но кај него има развојна дисфазија – забавен говорен развој и сиромашен речник. Откако утврдиле дека кај државните логопеди тешко се доаѓа до термин за терапија, семејството одлучило на своја сметка синот да го носат кај дефектолози или кај приватни логопеди.
Даниела не е единствен случај, во струмичко сѐ повеќе родители се загрижени за говорот на своите деца во предучилишна возраст, и тврдат дека не можат да најдат термини кај логопедите во Здравствен дом во Струмица. Тоа го потврдува и Марија Настева Џекова, логопед во Здравствениот дом, која со уште една колешка работат на отстранување на пречките кај говорот кај децата во предучилишна возраст.
„За жал, ние сме само двајца логопеди во јавното здравство и ги покриваме лицата што имат говорни проблеми од Струмица, Гевгелија, Валандово, Радовиш и Берово. Многу сме малку и не можеме да ги покриеме потребите. Има недостаток на логопеди и дефектолози како во здравството така и во градинките, училиштата . Речиси сите термини се резервирани пет месеци однапред, бидејки работиме на принцип мој термин“, вели Настева Џекова, и додава дека користење на логопедски услуги преку јавното здравство има само во Скопје, Штип, Битола, Прилеп. Во отсуство на официјална статистика, таа вели дека последниве години постојано се зголемува бројот на децата во предучилишна возраст кои имат говорни проблеми и состојбата станува загрижувачка.
„Бројките се поразителни. Колку за илустрација, општо во детска градинка во група од 20 деца, десетина имаат говорни пречки, а за овој проблем ниту се зборува ниту се превземаат некои чекори. Се смета дека детето како што расте ќе проговори, но тоа е погрешно. Затоа, лично мислам дека логопедски и дефектолошки преглед треба да биде задолжителен уште по првата година од раѓањето. Ние ќе констатираме дали комуникативниот и говорен развој е правилен за да може навреме да превенираме. Паралелно преку задолжителните прегледи може да детектираме и поголеми пореметувања, како што е аутизам или други нарушувања“, вели Настева Џекова.
Директорот на Здравствен дом од Струмица Васко Чаушевски тврди дека сега засега нема потреба од ангажирање на дополнителни логопеди под Фондот на здравство. Според него, за овој регион двајцата логопеди кои се ангажирани како стручни соработници при одделот за вакцинација ги задоволуваат потребите, иако расте бројот на децата со пречки во говорот.
„Сметаме дека со двајцата логопеди може да одговориме на потребите. Од министерството за здравство имавме понуда за ангажирање на логопед плус, но според динамиката на прегледи и терапиите за отстранување на пречките во говорот овде кај нас, сметам дека немаме потреба. Доколку утврдиме потреба секако дека ќе ангажираме“, вели д-р Чаушевски.
РОДИТЕЛИТЕ СЕ КЛУЧНА АЛКА
Најчести пречки при говорот на децата во предучилишна возраст се развојна дисфазија, пелтечење и дислалија, вели Влатко Цветковски, специјалист по клиничка логопедија кој работи во Центарот за патологија на говорот „Логопедик Тео“ во Струмица. Според него, родителите треба да го следат развојот на детето уште како бебе, а посебно акцент да дадат после првата година дали воопшто изговара одредени зборови. Во случај на тешко изговарање, испуштање или погрешно изговарање на одредени гласови, веднаш да побараат стручна помош. Пречките се појавуваат заради ризична бременост и раѓање, наследни гени или поради современиот начин на живеење во кој комуникација меѓу родители и деца е сведена на минимум.
„Треба да се утврди со кои пречки се соочува детето при говорот. Дали има забавен говорен развој, пелтечење или оштетување на гласови односно букви и слогови. Терапиите се получасовни по однапред утврдена програма. Најдобри резултати има кога со одредено дете работи и логопед и дефектолог. Клучна улога имаат и самите родители. Тие треба да се придржуваат до нашите упатства и во домашни услови“, вели Цветковски кој исто смета дека логопедските прегледи треба да бидат задолжителни.
Со ова се согласува и Спасе Додевски, дефектолог во основното училиште „Сандо Масев“ од Струмица, кој е одговорен за паралелките со деца со аутизам. Според него, во ова динамично време родителите сѐ помалку одвојуваат време за децата да ја осознаат средината и да им помогнат при комуникацијата. Децат имаат свој свет и контуинирано имаат желба да допрат одредени предмети, да видат нешто ново и да почнат да пуштаат гласови согласно нивната имагинација, фантазија што резултира и со испраќање гласовни пораки.
„Родителите треба да им дозволат, да им помогнат на децата во тој ран детски развој да ја осознаат средината за да имат нормален развој за да почнат да зборуваат. Но родителите или немаат време или пак со желба да ги заштитат, ги спречуваат несвесно. Во последно време поради динамичниот живот, во потрага за егзистенција, на децата од една две или три години им се даваат телефони, таблети, лаптопи за да бидат мирни или гледаат цртани филмови. Сето тоа ги збунува децата во говорната ориентација и се појавуваат проблеми. Нема претстава за говорна комуникација. Децата само примаат, но не даваат говорни пораки. Комуникацијата на релација родител-дете не треба да биде со сила туку преку игра“, вели Додевски, кој смета дека државата треба да воведе системски решенија за рано детектирање на овој проблем.
Логопедите и дефектолозите тврдат дека бројот на децата со говорни пречки во предучилишна возраст расте во сите делови од Македонија, а сѐ помалку има институционална грижа за нив. Според нив, интервенциите во училиштата се задоцнети иако и тие даваат резултати. Како што велат, логопедски и ортопедски прегледи се потребни уште во раната детска фаза или при процесот на вакцинација, или да се има одделенија за ран детски развој каде на едно место ќе има педијатри, логопеди, дефектолзи, психолози и психијатри, со цел рано да се откријат сите аномалии кај децата при што рано да се откријат и говорните проблеми.