Денес околу 16 часот, избувна шумски пожар кај селата Бучинци и Ајватовци во општина Илинден. Гори борова шума и пожарот уште не е ставен под контрола.
„Пожарот доби сериозни димензии, се шири со голема брзина и е надвор од контрола. Покрај пожарникарите од скопската Пожарна ангажиран е и еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување“, вели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Градоначалникот на Општина илинден Александар Ѓорѓиевски вели дека зафатена од пожарот е површина од 100 хектари шума, а досега околу 30 хектари борова шума е изгорена.
„Во опасност да се запали беше манастирот во Ајватовци дури и селото, но благодарение на граѓаните, Пожарната, ЦУК и ер тракторот тоа беше спречено. Се надеваме дека во текот на ноќта опасноста ќе помине и пожарот ќе биде под контрола“, вели Ѓорѓиевски.
Хеликоптерите на МВР и ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување ќе се вклучат во гаснење наутро бидејќи навечер не можат да интервенираат.