ОПШТИНА БИТОЛА ЗА КУЛТУРНИ НАСТАНИ ИСПЛАТИЛА 240.000 ЕВРА, НАЈМНОГУ ЗА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“ 72.000 ЕВРА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЗА КУЛТУРНИ НАСТАНИ ИСПЛАТИЛА 240.000 ЕВРА, НАЈМНОГУ ЗА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“ 72.000 ЕВРАСоветниците реагираат дека културните настани не треба да се на прво месо кога фекалии  течат по улици и се влеваат во реката Драгор.(Фото: СДК.МК)

    Безмалку една третина од парите од програмата за култура што Општина Битола ги исплати во првите осум месеци од годинава се потрошија на новогодишниотен фестивал „Зимската приказна“, што траеше 8 дена со 62 настани и 300 активни часови на три локации во градот.

    Според Извештајот од Општина Битола, во периодот од први јануари до 22 август исплатени се  14. 439. 607 денари или 236.714 евра, од кои за „Зимска приказна“ над 4,4 милиони денари или над 72 илјади евра. Извештајот содржи 143 исплати, од кои над 60 се однесуваат на „Зимската приказна“. Најмногу се исплатиле за осветлување и озвучување за осумдневната фестивалска програма дури 972.320 денари, потоа за архивирање 750.000 денари. За 3Д мапирање 258.000 денари плус за сценографија 94.444 денари, а тоа беше мултимедијалниот спектакл со филмска амбиент на фасадата на Офицерскиот дом со визуелизација од приказните на Ханс Кристијан Андерсен.

    „На одредена фирма од Битола, како што гласи осветлување и озвучување на настани за потребите на Општината и настаните што ги организира, исплатени се 1,2 милиони денари или околу 20 000 евра. Според некои мои математики за тие пари ќе купевме и бина и осветлување и озучување, па ќе имавме наше општинско. Архивирање на „Зимска приказна“ исплатени се 750.000 денари на одредена фирма „Футура Тим“ ДООЕЛ која во моментов е во ликвидација. Ми падна во очи 3Д мапинг три ставки, во двете на фичички лица се исплатени по 94 000 денари и уште една ствака од 258. 000 денари на некое здружение на Македонците по потекло од Алабанија ‘Сонце’“, рече Иван Чулакоски од независната советничка листа „Поинаку“.

    Тој додаде дека треба да има културни настани, но, не е таа на прво месо кога фекалии  течат по улици и се влеваат во реката Драгор.

    Во усвоениот буџет за култура, не беа предвидени средства за „Зимската приказна“, а во извештајот стои дека се исплатиле.

    Деновиве дел од културните работници се пожалија дека не им се платени настани што требаше финансиски да ги поддржи Општината. Пари се очекува да бидат обезбедни од ребалансот на буџетот кој уште нема реализација.

    Во соопштението од Општината пишува дека со парите за културата се поддржани врвни културни настани. Според нив, „Зимската приказна“ донела многу радост кај публиката од сите генерации, а во програмата биле  застапени речиси сите културни жанрови, наменети од најмалата до највозрасната категорија. Од Опптината велат дека се создала можност за поголема промоција и поттикнување на културниот туризам и организирање на туристички посети на Битола.

    „Токму поради наведените околности, уште пред два месеци во Советот беше побаран ребаланс на буџетот за култура, со предвидени 1.700.000 денари за програмата К4 и 2.000.000 денари за програмата К3. Со нив и со преостанатите средства од буџетот за култура, Општината ќе нема никаков долг кон ниту еден изведувач. Но, оддолговлекувањето на ребалансот кој беше изгласан незаконски го предизвика овој застој, по што запреа сите културни манифестации во градот, освен традиционалните, со став дека не требаат пари за култура“, пишува во соопштението.

    Од Општината сметаат дека со тоа, не им се даде можност на локалните изведувачи да ја покажат креативноста во текот на летните месеци, па доминираа настани со турбо фолк.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска имаше забелешка и околу Комисијата која ги избира настаните што ќе ги финансира Општината.

    „Имаме проблем како ќе се делат средствата, не одлучуваме ние по јавниот повик туку Комисија формирана од градоначалникот и замислете во неа член е директоката на КИЦ. Како може некој кој зема пари како институција од Општината, да биде член на комисија која доделува средства“, рече Илиевска.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира