Грчките пожарникари веќе десет дена се борат со огромниот оган кој досега однесе 20 животи, што е најсмртоносниот пожар во Европа ова лето. Пожарот кој почна близу градот Александропулис неконтролирано се прошири низ североисточниот регион Еврос, засилен со жестоките ветрови и високите температури. Сите жртви на пожарот освен една се мигранти кои се криеле во шума.
„Ова е дефиницијата на она што го викаме мегапожар“, изјави владиниот портпарол Павлос Маринакис.
Според системот на Европската Унија за следење климатски промени „Коперник“, во пожарот досега изгореле 77.000 хектари земјиште, што го прави еден од најголемите во Европа во последните години.
„Се обидуваме да ја навлажниме земјата како превентива, но водата моментално испарува. Ништо не може да се спаси“, изјави еден 40-годишен пчелар, кој изгубил 350 кошници кај селото Кирки во регионот Еврос.
На стотици грчки пожарникари им помагаат и колеги од Кипар, Германија, Шведска, Бугарија и Словенија. Голем број луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови откако низ земјата избија стотици пожари во втор силен бран на пожари ова лето.