Со околу 300.000 евра ќе се реконструира и санира покривот и на фасадата на киносалата во Валандово која функционира во состав на Домот на културата „25 Мај“, соопшти денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа го посети објектот заедно со градоначалникот на Валандово Перо Костадинов.
„Станува збор за проект чија вкупна вредност е околу 17,6 милиони денари. Во реализацијата на проектот, Министерството за култура преку капиталните дотации учествува со 10,2 милиони денари, додека преостанатиот дел од средствата за завршување на проектот ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Валандово“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Проектот опфаќа поставување нова покривна конструкција, фасада и плафон, комплетна промена на столаријата, молеро-фарбарски работи во внатрешноста, нов под во салата, под со гранитни плочки во холот, современ кинопроектор, како и опрема за прожектирање.
„Капиталните инвестиции не само во Валандово туку и во другите единици на локалната самоуправа овозможуваат реализација на многу проекти кои ќе ја збогатат нивната културна понуда“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, која беше на отворањето на второто издание на Младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“ со учесници од земјава и од Грција.