Туристите кои деновиве заминуваат од Македонија на одмор во Грција, веќе не ги полнат багажниците со храна како пред неколку години. Цените на прехранбените производи во маркетите кај нас и во Грција се исти за дел производи или приближни со мала разлика од 10 до 20 денари, па не се исплатува да се превезува храна со километри. Со години, битолчани ја отвораа и затвораа туристичката сезона во Грција, добар дел со полна кола храна набавена дома зашто беше двојно поевтина.
Викендов, килограм кромид на битолскиот пазар чини 60 денари, а во маркетите во Лерин 66 денари. Ова е само еден од прехранбените производи со приближно иста цена кај нас и на продажните места во Грција. Сепак, Македонија не е земја во Европска Унија и мининалната плата е 330 евра, а Грција е во ЕУ и најниската плата е 700 евра.
Килограм лимони во битолските и леринските маркети чини 90 денари, компирите 40 денари кај нас, а кај нив 60 денари, јајацата 12 со 15 денари, пилешкото филе тука 569 денари, а таму од 7 до 11 евра, односно од 427 до 671 денари. Килограм свинско месо кај нас може да се купи за 439 денари, а во маркетите во Лерин за 20 денари поскапо. Кравјо сирење кое во Македониија чини 439 денари, таму може да се набави и поевтино, а кашкавалот е нешто поскап од кај нас.
„Повеќе не се оптеретуваме со набавка на храна од тука за да ја носиме на одмор. На патување до туристичкото место минуваме низ големи маркети и си набавуваме месо и други прехранбени продукти. Цените се скоро исти. Европски, иако платите не ни се европски. Поскапо е ако сте на некои острови, но битолчани претежно летуваат на Халкидики и на Јонско Море околу Парга“, кажауваат повеќемина битолчани кои деновиве поаѓаат на одмор за Грција.
Најблискиот маркет од граничниот премин Маџитлија-Ники на грчка страна е „Лидл“. Паркингот редовно е полн со македонски возила, со битолски, прилепски, охридски, струшки регистерски таблички, па дури и со скопски и тетовски.
„Некогаш имавме повеќе купувачи Грци, а сега топ е од Македонци. Плаќаат во кеш или со картички. Ако порано купуваа маслиново масло и ѕаѕики, сега земаат месо, павлака, масло, кашкавали, сирења, зеленчук, овошје, козметички производи“, вели продавачка од „Лидл“.
Додека нашите пазаруваат во грчките маркети, грчките муштерии доаѓаат на битолскиот пазар.
„Купувачите од Грција, а и нашите иселеници кои летово престојуваа во Битола, ни велеа како издржувате со овие високи цени на прехранбените производи“, вели Тони Николовски, продавач во битолски маркет.
Грчките државјани во последно време почесто го посетуваат пазарот во Битола отколку маркетите, зашто дел од прехранбените производи таму се поевтини. Само треба да се издржи метежот на граничниот премин, каде во зависност од периодот во денот се чека по половина час и повеќе. Патувањето е олеснето од македонска страна зашто е преасфалтиран патот од Битола за грчка граница. За разлика од кај нас каде важи правилото прв дојден, прв услужан, на грчкиот гарничен премин во една колона ги стројат државјаните на ЕУ, а во друга патниците од Македонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА