ЕСМ не треба да го санира мостот „Беласица“ тоа си е обврска на Град Скопје, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од државната компанија, откако во саботата од Градот соопштија дека две ленти од мостот се пуштени за сообраќај и покрај тоа што не е направена никаква санација.
„Секако, санацијата не е во наша надлежност, како што не е ни мостот. Наша обврска е поставување на цевки од топловодната мрежа и тоа ќе го завршиме“, вели генералниот директор на компанија Васко Стефанов.
Во соопштението на Град Скопје од саботата се вели дека „напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, ќе го санира ЕСМ со цел поставување нови топловодни цевки“. Три дена претходно од државната компанија за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека тие ги извадиле оштетените цевки, но сега чекаат Градот да направи санација, по што тие ќе стават нови цевки. Рекоа дека не знаат кога ќе почне санацијата бидејќи никој не ги информирал.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во компанијата, никој не знаел дека ЕСМ треба да го санира мостот бидејќи такво нешто не е договорено, па се затечени од изјавата на Град Скопје.
„Од каде сега тоа дека ЕСМ треба да го санира мостот? ЕСМ не е градежна компанија па да може да изведе таков зафат. Должност на ЕСМ беше да ги замени оштетените цевки и да постави нови. Тој дел од работите е обезбеден, ангажирана е фирма која ги отстрани цевките и ќе треба да ги постави новите. Новите цевки се под мостот и се чека Град Скопје да го санира оштетениот дел за да се постават. За да може ЕСМ да го санира и оштетениот дел ќе треба да се ангажира фирма, да се распише тендер, а тоа повлекува и финансиски импликации“, велат извори од ЕСМ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
На мостот трет ден се вози, иако домашни и странски експерти рекоа дека се сомневаат во начинот на кој е направена експертизата.
Експертизата за мостот, која ја правеше професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, е завршена и предадена на Град Скопје пред два месеца. Таа покажува дека мостот нема сериозни оштетувања, не се оштетени каблите за преднапрегање и потребна е лесна санација, која би траела околу еден месец.
А. АНТЕВСКА