БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ ВО СИТЕ МУЗЕИ И КУЛТУРНИ УСТАНОВИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА, АРМИЈАТА СО ПОКАЗНА ВЕЖБА ВО СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ПАРК

    БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ ВО СИТЕ МУЗЕИ И КУЛТУРНИ УСТАНОВИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА, АРМИЈАТА СО ПОКАЗНА ВЕЖБА ВО СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ПАРКПразникот ќе се слави под слоганот „Гласник на слободата“ - (Фото: Ѓ.Личовски)

    Под слоганот „Гласник на слободата“ годинава ќе се празнува 8 Септември – Денот на независноста. Програмата подготвена од Владата предвидува повеќе свечени и културни настани во Градскиот парк во Скопје, како и бесплатен влез во музеите низ државата.

    Во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“ ќе има тактичко показни вежби на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи. На локацијата „Школка“, е предвиден и концерт  на воениот оркестар, културно-уметнички друштва, членовите на „Златно славејче, како и програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци.

    Во текот на денот, на истата локација, сите заинтересирани ќе имаат можност да бидат дел од серија спортски активности организирани во соработка со Агенција за млади и спорт.

    Како дел од одбележувањето на Денот на независноста, во петок од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“ со  бесплатен влез во културните установи, музеи и галерии во целата држава.

    Граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“,  Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.

    Во Скопје ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза како и Конзерваторскиот центар (црквата Св. Спас).

    Во Музејот на македонската борба за самостојност на 8 септември во 12:00 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други. Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.

    Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.

    По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18:00 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20:00 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира