АРСОВСКА И ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ МУЦУНСКИ, ЃОРЃИЕВСКИ, КОЊАНОВСКИ, ПЕКЕВСКИ, ТАРАВАРИ И ХРИСТОСКИ НА ПОКАНА НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО САД УЧАТ КАКО ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

    АРСОВСКА И ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ МУЦУНСКИ, ЃОРЃИЕВСКИ, КОЊАНОВСКИ, ПЕКЕВСКИ, ТАРАВАРИ И ХРИСТОСКИ НА ПОКАНА НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО САД УЧАТ КАКО ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАЗаедничка слика од сите градоначалници кои се во САД објави градоначалникот на Крушево Томе Христоски. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска со уште пет нејзини колеги се во неколкудневна студиска посета на САД на покана на Американската амбасада. Заедно со Арсовска во САД се и градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, на Битола Тони Коњановски, на Крушево Томе Христоски,, на Берово Звонко Пекевски и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.

    Тие веќе неколку дена се во САД, каде имаат повеќе средби за ефикасно управување со финансии и ресурси на локалната самоуправа. Како што стои во објавите на нивните фејсбук профили, „фокусот на работните средби во Стејт Департментот е борбата против корупцијата“.

    Арсовска и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ немаат објавено заеднички слики од средбите и состаноците. Единствено заедничка слика од сите градоначалници кои се отидени во САД објави градоначалникот на Крушево Томе Христоски.

    „На состаноците стана збор и за најдобрите практики кои ги применуваат локалните власти во САД за јавно-приватни партнерства за да се подобрат капацитетите, при што беше нагласено дека постои простор за натамошно интензивирање на соработката помеѓу нашите пријателски држави, размена и примена на искуствата на САД во Македонија во борбата против корупцијата која е рак на македонското општество“, објави Арсовска на својата фејсбук страна по средбата со претставници на Стејт департментот во Вашингтон.

    Градоначалниците покрај средби во Вашингтон ќе ги посетат и градовите Питсбург и Феникс каде, како што напиша Муцунски, ќе имаат средби со претставници на локалната власт, за размена на  искуства и практики во делот на локалната самоуправа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира