Донесувањето на законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди, а нас никој не не прашал за да ги донесе, реагира денеска Врховниот суд кој е највисокиот суд во државата за измените на Кривичниот законик (КЗ) усвоени минатата недела, со кои асе намалија или укинаа казни за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Злосторничко здружување.
Врховниот суд вели дека никогаш немал забелешка на висината на казните за злоупотреба на службената положба и овластувањата, кои се всушност за корупција и кражба на државниот Буџет. Уште помалку за злосторничкото здружување за да се вршат овие кривични дела.
Врховниот суд соопшти дека на денешната седницата било истакнато оти подготвувањето на законски измени кои имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведено низ транспарантен процес преку јавна дебата и стручна расправа, а не Министерството за правда шверцерски да ги предложи до Собранието.
„Во Врховниот суд од страна на Министерството за правда не беа доставени на мислење предметните измени на Кривичниот законик. Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени кои претставуваат прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби и во минатото немал забелешки за висината на казните за предметните кривични дела, ниту предложил нивно ублажување“, соопшти највисокиот суд.
Измените стапуваат на сила утре, 14 септември.
Измените на Кривичниот законик усвоени минатата недела со европско знаменце по само два дена расправа во Собранието, се работеа три години и најголем дел од новите одредби се однесуваат на заштита на животната средина, правата на животните и безбедноста во сообраќајот. Но, покрај овие измени, власта протна и измени во делот на борбата против корупција, намалувајќи и укинувајќи казни за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Злосторничко здружување.
Сменети се 38 членови од кои 35 се усогласени со европските директиви. Во коресподентната табела, доставена до Собранието од Владата како прилог на предложените законски измени, беа наведени шест европски директиви и една регулатива со кои се усогласуваат изменетите членови, но ниту една од нив не се однесува на измените на членовите од КЗ во врска со кривичните дела Злоупотреба на службената положба и Злосторничко здружување.
Во табелата воопшто не се споменати членовите 353 и 394 кои се однесуваат овие две кривични дела. Од член 278-а, табелата скокна на член 396.
Во став 3 од членот 353 за Злоупотреба на службената положба и овластувања, досега казната беше најмалку три години затвор, а отсега се предвидува казна од една до 4 години затвор. Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан. Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.
Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.
Во првичната нацрт-верзија на предложените измени на КЗ, објавена на ЕНЕР во април минатата година, овие измени ги немаше.
С. К. ДЕЛЕВСКА