Под мотото „32 години корупција што убива“, семејствата на 14-мина луѓе кои загинаа во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово денеска одржаа протестен марш во Скопје, за да го изразат својот револт од работата и постапките на Обвинителството. Маршот почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.
„Овде сме да го изразиме нашиот револт од премолчувањето на вистината за главните виновници за трагедијата во тетовската болница, каде што живи изгореа 14 члена на нашите семејства. Животите на граѓаните во оваа држава се заложници на пазарење и тендери без критериуми. Се докажа дека корупцијата убива. Во оваа држава не се почитува најсветото – човечкиот живот: 14 жртви, нула дена затвор“, рече еден демонстрант.
На протестот беше побарано разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и на другите обвинители, кои, како што кажаа, го прикриле делото. Ако не исполнат барањата на семејствата, се најавува заострување на протестите.
„Не видовме ниту ‘п‘ од правда. Токму во оваа зграда се уништуваат перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја“, кажаа пред зградата на Јавното обвинителство.