ШЕСТМИНА МЛАДИ ПОРТУГАЛЦИ ТУЖАТ 32 ЕВРОПСКИ ВЛАДИ ВО СТРАЗБУР ЗАШТО НЕ СЕ БОРАТ ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

    ШЕСТМИНА МЛАДИ ПОРТУГАЛЦИ ТУЖАТ 32 ЕВРОПСКИ ВЛАДИ ВО СТРАЗБУР ЗАШТО НЕ СЕ БОРАТ ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИТужителите тврдат дека климатските промени се закана за нивните основни права (Фото: Гети)

    Шестмина млади од области во Португалија погодени од пожари и топлотни бранови тужат 32 европски влади, сметајќи дека нивното недоволно дејствување против климатските промени значи кршење на нивни човекови права. Судењето почна денеска и ова е најголемиот случај во Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој се однесува на климатските промени.

    Тие ја поднесоа тужбата во септември 2020 и се однесува на сите 27 членки на ЕУ, како и на Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Русија и Турција. Изрекувањето на пресудата се очекува во првата половина на 2024.

    Со поддршка од британската организација Глобална мрежа за правна акција (ГЛАН), португалските тужители на возраст од 11 до 24 години се надеваат дека ќе се изборат за законски обврзувачки одлуки што ќе ги натераат владите да дејствуваат. Ако нивната тужба биде усвоена, тоа би можело да резултира со наредби од националните судови до владите да ги намалат емисиите на јаглеродниот диоксид, кој се смета за главен виновник за забрзаното загревање на планетата.

    Тужителите тврдат дека климатските промени се закана за нивните права, како живот и физичка и ментална добросостојба.

    „Нашата цел е да ги натераме владите да го направат она што го ветија, а тоа е спроведувањето на Парискиот договор од 2015, кој предвидува намалување на штетните емисии за да се ограничи глобалното загревање на 2 Целзиусови степена. Со сегашните политики тоа нема да може да се оствари. Без итни мерки, местото каде што живеам јас наскоро би можело да стане неподнослива печка“, вели 20-годишниот Мартим Агостињо.

    Повеќе од 80 адвокати ги застапуваат тужените држави, додека само шестмина адвокати стојат зад тужителите, што, според ГЛАН, е досега невиден сооднос.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира