Тротоарот и една лента од улицата Стив Наумов во строгиот центар на Скопје се заградени и блокирани со градежна механизација заради изградба на зградите кај хотелот „Холидеј ин“. Граѓаните одат низ коловозот среде коли и автобуси оти пешачкиот дел е затворен, а узурпирана од градежникот кој гради е и една лента од коловозот. Дополнително, навечер улицата е во темница затоа што, од некои причини не работи ни уличното осветлување, па пешаците се движат во целосен мрак по коловозот, со ризик да ги прегази кола, оти не може да ги види.
Иако се узурпира јавна површина и движењето на граѓаните не е безбедно, ниту Град Скопје ни Општина Центар не го казнуваат градежникот.
На поранешниот паркинг кај „Холидеј ин“ и просторот околу него гради фирмата МГ „Фешн“.
Законски, инвеститорот е должен да приложи проект за организација на градилиште. Ако узурпацијата на тротоарот е одобрена од Општината, тогаш на инвеститорот мора да му наложи да обезбеди безбеден ограден простор по кој се движат пешаците. Не се знае дали Општина Центар одобрила проект во кој на инвеститорот му наложила да обезбеди вакво безбедно „бајпасирање“ за пешаците додека траат градежните активности.
Во моментов се градат две од трите висококатници. Првата зграда ќе биде на 20 ката и со три подземни нивоа. За оваа зграда градителите „МГ Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) платија 2,4 милиони евра комуналии на Град Скопје и Општина Центар. На оваа градежна парцела нема приватни имоти односно куќи на граѓани туку чист простор кој беше државно земјиште, па потоа продаден од Министерството за транспорт и врски на градителот во владеењето на СДСМ.
Втората деловна зграда ќе биде на 11 ката и ќе биде објект на Стопанска банка АД Скопје. На овој простор треба да се гради уште една станбена зграда.
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДВЕ ГОДИНИ НЕ Ѝ ОДГОВАРА НА АНТИКОРУПЦИСКА КАКО Е ДОНЕСЕН ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“
-
ПОЧНА ГРАДБАТА НА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ
А. АНТЕВСКА