ПОЧНА ГРАДБАТА НА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ

    ПОЧНА ГРАДБАТА НА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ„МГ Фешн“ првата зграда ја гради заедно со Македонската православна црква (МПЦ-ОА) која е сопственик на земјиштето и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот.(Фото: К. Попов)

    Од денеска почнува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.

    „Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи  три нивоа под земја, приземје плус 20 ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина“, велат од „МГ Фешн“.

    Според Деталниот урбанистички план за овој дел предвидена е јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија. Од компанијата велат дека нивната визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на Порта Ноува  во Милано, а за идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар.

    Од компанијата велат дека ќе бидат обештените сите жители на Ново Маало кои имаат имот на овој простор, без разлика што на истиот не е предвидена никаква изградба на градежен објект, и тоа на ист начин и во ист сооднос како и на жителите на Ново Маало на чии имоти е предвидена изградба на објекти.

    „МГ Фешн“ првата зграда ја гради заедно со Македонската православна црква (МПЦ-ОА) која е сопственик на земјиштето.  Токму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.

    Планот за зградите во овој дел од центарот на градот беше донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Власта на СДСМ не направи ништо да спречи во срцето на главниот град да се гради според план неусогласен со Генералниот урбанистички план, иако пред да дојдат на власт остро ги критикуваа плановите на власта на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека со нив се бетонизира Скопје и ветуваа промена на урбанистичките политики. Во текот на процесот на мораториум во општина Центар овој план не беше сменет, при што за новите жители не е предвидена државна градинка.

    Не само што не ја смени урбанистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ, туку за време на оваа власт беше направено дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште. Во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба во Центар, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугарески од СДСМ, инвеститорите го купија државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот, наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака и да предвиди содржини од јавен интерес, како што се градинки, паркови, школи и слично.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира