ВО 2016 ШТИПСКА АПЕЛАЦИЈА ИМАЛА 16, А ОД ДЕКЕМВРИ ЌЕ ОСТАНАТ САМО 5 СУДИИ

    ВО 2016 ШТИПСКА АПЕЛАЦИЈА ИМАЛА 16, А ОД ДЕКЕМВРИ ЌЕ ОСТАНАТ САМО 5 СУДИИКај единствените двајца граѓански судии, дадени се за работа 1.100 предмети. (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на Апелациониот суд во Штип Кирче Донев од денеска исполнува услов за пензија, па од вкупно седум, овој многу важен (второстепен) суд останува со шест, а од декември со само 5 судии. Од овие седуммина судии, откако Судскиот совет ќе го констатира пензионирањето на Донев, ќе останат да работат само 6, во декември ќе се пензионира уште еден судија и ќе останат 5, а кога од нив ќе се избере претседател, бројката ќе падне на четири апелациони судии.

    На први декември оваа година судот ќе остане уште без еден судија кој исто така заминува во пензија. Последниот избор на судии за Апелациониот суд во Штгип бил извршен во 2016, кога судот броел вкупно 16 судии, што значи цели седум години овој суд е без избран нов судија.

    „Во тек се два огласа за нови судии, но никој не може да каже дали и колку кандидати ќе се пријават на огласите и кога тие ќе бидат избрани. Првиот оглас е за двајца судии, едниот за граѓански предмети, другиот за кривичните. Вториот оглас е за двајца граѓански судии. Огласите се распишани во текот на оваа година и право на избор имаат сите судии од основните судии во Апелационото подрачје кои го исполнуваат условот да имаат најмалку шест години работно искуство како основен судија“, вели Донев кој го нагласува моментот што и основните судови имаат недостиг на судии.

    Најспецифичен пример е со Основниот суд во Берово кој нема судија, па бил делегиран судија од Кочани кој е истовремено и в. д. претседател. Во Делчево има само еден судија кој е и претседател делегиран неодамна и е од Струмица. Во Виница има двајца судии од кои едниот е претседател и е од Кочани. Кочанскиот основен суд е со 5 судии, а има потреба уште за толку. Свети Николе и Радовиш имаат по двајца судии, Струмица 8 судии и Основниот суд во Штип 12 судии. Тринаесетиот е Сашко Георгиев, кој од септември 2018 беше избран за член, а од мај годинава и за претседател на Советот.

    „Испразнетоста на Апелациониот суд во Штип нè принудува секој од постојните судии да работиме за двајца. Така, ако по некои норми еден граѓански судија треба да решава до 22 предмета, тој месечно решава над 30. Кривичарите имаат норма 17 предмети, но тие решаваат многу повеќе од тоа“, вели Донев кој многу често се солидизирал со колегите па и тој како претседател работел на предмети.

    Судот има потреба за најмалку 13 судии во ситуација кога бројот на предметите е во постојан пораст. Штипска Апелација за разлика од 2022 кога имало само 660 предмети, сега има активни 1.200 предмети од кои 1.100 се граѓански спорови и се распоредени кај единствените двајца граѓански судии. Затоа, се очекува ажурирање на огласите кои се во тек и нивна побрза реализација.

    Донев е задоволен што Апелационииот суд Штип во неговиот мандат стана првиот суд во Македонија кој инсталирал фотоволтаици на покривот на зградата на судот.

    „Фотоволтаиците се на површина од 113 метри квадратни, а можност има за инсталирање на уште толку фотоволтаици. Инсталираните веќе произведуваат струја од 60 киловати. За ова изработвиме елаборат и беше одобрен, па од Судскиот буџет се инвестираа 2.150.000 денари. Со прозведената струја, инвестицијата ќе се врати за две години. Најважно е што судот како институција целосно ќе ги задоволува потребите од енергија, а тоа значи заштеда од 1.950.000 денари колку што биле платени за струја во 2022 години или 650.000 денари колку што биле платени само за првата половина од 2023 година. Сега работиме на тоа ако има можности евентуалниот вишок на струја да биде пренаменет на Основнииот суд во Штип кој се наоѓа во истата зграда со Апелациониот суд во Штип“, вели претседателот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира