ЦЕНАТА НА СОНЧОГЛЕДОТ ПОНИСКА ОД ЛАНИ, НЕМА ДОВОЛНО КОЛИЧИНИ, ПА ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ ОТКУПУВА ОД СРБИЈА

    ЦЕНАТА НА СОНЧОГЛЕДОТ ПОНИСКА ОД ЛАНИ, НЕМА ДОВОЛНО КОЛИЧИНИ, ПА ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ ОТКУПУВА ОД СРБИЈАЦената за откуп на сончогледот е 20, 5 денари за килограм и во однос на мината година е пониска. (Фото: СДК.МК)

    Во тек е откупот на сончогледот кај единствениот преработувач во масло за јадење во земјава, велешка „Маслодајна“. Досега се откупени три илјади тони, се планираат уште две илјади од македонско производство, што ќе биде двојно помалку од ланските откупени 10.000 тони сончоглед. Тоа се должи на сушната година, намалените површини и помалиот број на кооперанти.

    „Цената е 20,5 денари за килограм и во однос на минатата година, е пониска. Тоа е во корелација со цената на маслото за јадење. Да потсетам, лани беше преку 100 денари за литар, сега е 72 денари. Падна цената на маслото, падна и цената на сончогледот“, кажа Силвана Манаскова од „Маслодајна“.

    Бидејќи според потпишаните договори нема да има доволно македонски сончоглед за преработка, тој се откупува и од Србија. За редовно работење ќе се увезува сирово масло оти набавените количини сончоглед не се доволни.

    Откако Владата го покачи ДДВ за сончоглед на 10 отсто, а за суровото масло остана 5 отсто, од фабриката велат дека се ставени во нерамноправна положба како единствен преработувач на сончоглед во масло за јадење.

    „Иако имаше лоша година, беше сушна, има добар род, 1.700 килограми принос по хектар. Презадоволен сум од родот, што се должи на добрата работа. Што се однесува до цената, таа е пониска од ланска, но разбирливо, оти лани еден литар масло за јадење го плаќавме преку 100 денари, сега е околу 70 денари“, вели Јовица Китановски, земјоделец од село Иванковци, Велешко.

    Тој под сончоглед има 356 хектари. Ја споредува цената на сончогледот и житариците, кои биле одгледани на 300 хектари.

    „Многу сум позадоволен од цената на сончогледот, иако е пониска од лани, отколку на житариците. Јачменот и пченицата годинава ги продадов по далеку пониска цена од ланската, за 8,5 денари, а лани беше 17 денари. Цената на храната за стоката падна, а цената на месото скокна“, додаде Китановски.

    „Маслодајна“, која годинава одбележува јубилеј 100 години постоење, есенва откупува сончоглед од Овче Поле, Кумановско, скопски Илинден и мал дел  Пелагонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира