НЕМАМЕ СОРАБОТКА СО АРСОВСКА И АДМИНИСТРАЦИЈАТА, НИЕ ПРЕДЛАГАМЕ ПРОЕКТИ, НО ТАА НЕ ГИ РЕАЛИЗИРА, ВЕЛИ ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ ОД „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“

    НЕМАМЕ СОРАБОТКА СО АРСОВСКА И АДМИНИСТРАЦИЈАТА, НИЕ ПРЕДЛАГАМЕ ПРОЕКТИ, НО ТАА НЕ ГИ РЕАЛИЗИРА, ВЕЛИ ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ ОД „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“Очекував да работиме чесно, сложно, ефикасно и брзо за Скопје, но сфатив дека институцијата е спора, неефикасна и често контрадикторна во својата работа“, вели Јовановски. (Фото: Принтскрин од видео на Град Скопје)

    „Зелен хуман град“ (ЗХГ) е единствената советничка група во Советот на Град Скопје зад која не стојат политички партии туку 23 граѓански организации. „Зелен хуман град“ е дел од градскиот Совет со два советника, Драгана Велковска и Горјан Јовановски. Овој советнички состав ја завршува втората година од мандатот, а речиси цело време наидува на несоработка со градоначалничката Данела Арсовска и службите кои таа ги раководи.

    За проблемите, несоработката и нефунционирањето на градската администрација САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со советникот Јовановски, кој вели дека работата во Советот е многу мачна, не може да се добијат информација за ништо ниту пак да се развие конструктивна дебата за да се најдат решенија за проблемите во градот.

    „Од една страна, често наидуваме на различни ставови од колегите советници и борба е да се најдеме на иста бранова должина. Од друга страна, соработката што ја имавме од почетокот со градската администрација и градоначалничката Данела Арсовска е сведена на минимум. Дали ние останатите советници сме колатерална штета од распадот на односите помеѓу неа и ВМРО-ДПМНЕ, не знам, но комуникацијата и соработката е значително променета и отежнета од тогаш. Очекував да работиме чесно, сложно, ефикасно и брзо за Скопје, но сфатив дека институцијата е спора, неефикасна и често контрадикторна во својата работа“, вели Јовановски.

    Арсовска нигде ја нема на седниците, не доаѓа ниту на советнички прашање ниту на другите седници за да ги образложи точките кои бара да ги гласаат советниците, да носат одлуки за програми, за задолжувања, за доделувања субвенции.

    „Јас лично очекувам градоначалник да е присутен на седница на Совет. Да, некогаш ќе се случи да не може да дојде од оправдани причини, но последните 5-6, а може и повеќе седници, нејзиното присуство е на минимум. Ако Советот е законодавното тело во Градот, а градоначалникот е извршното тело, тогаш нема никаква смисла таа да не присуствува. Иако има претставници од Градот, сепак, во најмала рака е културно и професионално да е таму, и покрај тоа што се наручени односите со повеќето советнички групи. Така може да ги поправиме односите, вака дефинитивно нема“, вели Јовановски.

    Јовановски вели дека не е културно ниту професионално тоа што Арсовска не се појавува на седниците на Советот.  (Фото: К. Попов)

    Тој како и останатите тешко добива одговори од аминистрацијата, а има документ кој го побарале од почетокот на мандатот, но уште не го добиле.

    „Со исклучок на неколку сектори, комуникацијата помеѓу Советот и администрацијата, која е задолжителна според Деловникот, е на ниско ниво. Порано со Арсовска често имавме средби за проектите на ЗХГ кои се обидувавме да бидат реализирани. Иако сме опозициска група, сакавме да сме продуктивна опозиција која покажува дека може да има соработка и со играчи од спротиставени политички страни. За жал, голем дел од тие проекти забавија и не се имплементираа, а средбите со градоначалничката се намалија и сега се веќе непостоечки. Како група, ние секогаш сме биле отворени за соработка, и сме сакале да реализираме проекти заеднички, затоа и толку инает водиме иако сме само двајца. Но, за соработка мора бар две страни да се сложни“, додава Јовановски.

    Јовановски вели дека како советничка група предложиле голем број проекти, но не е лесно да се реализираат оти имаат само два советника од вкупно 45, и не наидуваат секогаш на подршка од останатите советници. Но сепак, вели дека успеале сами да ја дигитализираат работата на Советот со платформата МојГрад.мк, да обезбедат средства во буџетот за голем број проекти и да го примораат Градот да ги објавува сите решенија за интервенција врз зеленило 15 дена пред тие да се случат за да може да се обжалат.

    „Тоа се дел од поголемите победи, заедно со укинувањето на регулацискиот план за Влае, кој сега незадоволни политички играчи и инвеститори се обидуваат да го сопрат преку Уставен суд. За жал, обезбедувањето на средства во буџет не значи и реализација на тој проект, тоа треба да го направи градската администрација. Голем дел од проектите за кои сме обезбедиле пари се реализираат преспоро или воопшто не се реализираат, а тоа за мене е целосно неприфатливо. Не може 2 години Град Скопје да се обидува 2-3 сензори за аерозагадување да поставиме, додека волонтери сами поставија над 200. Компостарите за отпад уште патуваат до Скопје, а проекти како план ‘Визија 0’ за нула сообраќајки во Скопје се изработени незадоволително, па мора волонтери и невладини организации да ги работат заедно за да се дојде до одреден прифатлив формат. Финансии за овие проекти има и затоа не разбирам како може волку време да не може да бидат реализирани“, вели Јовановски.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира