Модна аукција и добротворен концерт се дел од настаните на Деновите на донирање, кои ќе траат од денеска до 5 ноемви во повеќе градови низ земјава, како проект на УСАИД и Здружението Конект.
„Многу граѓански организации и локални заедници се соочуваат со намалување на странската донаторска поддршка и недостаток на транспарентни локални извори за финансирање. Воедно, многу граѓани и компании донираат, но нивните донации честопати не се соодветно канализирани и обмислени за постигнување на саканите ефекти“, рече на денешната прес-конференција Никица Кусинкова, извршна директорка на Конект.
Донираните средства преку Донаторскиот фонд ќе се искористат за поддршка на организации и проекти од јавен интерес во 4 клучни области што нудат поддршка на најранливите граѓани и придонесуваат во решавање на локалните проблеми. Четирите области се: квалитетно образование, достоинствена работа и одржлив раст, добро здравје и благосостојба и искоренување на сиромаштијата.
На 18 октомври во скопското кафуле „Интермецо“ ќе се одржи модна аукција на македонските дизајнери: Антонија Гугинска, Игор Марков, Ирина Тошева, Лидија Георгиева, Никола Булески, Силвија Алшар, Симон Ендровски (Bella) и Тања Кокев.
На 19 октомври е најавен добротворниот концерт „Ѕвездите на М2 и пријателите“ во „Евент центар“ (Нова железничка) со Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Нина Јанева и Бојана Скендеровски. Влезницата чини 300 денари.
Кусинкова додаде дека кутии за собирање донации ќе бидат поставени во продавници, бензински пумпи, трговски центри. Кога ќе заврши акцијата на 5 ноември, вели дека ќе објават колку пари се собрале и кои организации со кои соработуваат, ќе добијат пари. Понатаму, вели таа, ќе се поддржуваат организации кои ќе понудат проекти од 4-те области. Сите организации кои ќе добијат пари, ќе мора да поднесуваат извештаи за сработеното.
Б. НЕСТОРОСКА